Во присуство на голем број новинари, од пишани и електронски медиуми, во градот на калинките во Валандово, се одржа прес-конференција по повод овогодишното 38. издание на “Валандово фолк-фест“.  Место на настанот беше новата киносала која феноменално ја краси големиот мурал со ликовите на најпознатите валандовчани.

Водители на фестивалот: Господинот Калајџиев и харизматичната Спировска

Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, изјави дека е презадоволен со изборот на новите фолк-песни, потенцијални хитови. Ќе слушнеме 22 песни од познати автори, а во интерпретација на: Блага Петреска, Смиља Митреска, Мишко Крстевски, Ефто Пупиновски, Драган Мијалковски, Драган Николовски-Даце, Сузана Гавазова, Блаж Маротов, Јованка Јо, а на фестивалот му се враќа по подолга пауза и Горан Тодоровски, со песната “Живот да прославиме“.  Финалната вечер ќе се одржи на 25.мај во недела, а Македонската ТВ ќе врши директен пренос.

Додека трае гласањето за паричните награди од публиката и жирито, свој едночасовен концерт ќе има легендарниот Перо Христов, кој сè уште е слушан со валандовскиот хит „Во црно вино утеха нема”.

(Дуле Миќиќ)

ИЗДВОЕНИ