
Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба во траење од 30 дена поради нарушувања во снабдувањето со стратегиски енергенси и попречување на нивниот увоз. Со оваа одлука, се воведува кризна состојба на целата територија на државата, а се активира и Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе ја координира состојбата. Државните институции се задолжени да преземат мерки за надминување на последиците и за обезбедување стабилно снабдување со енергенси.
Со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 не се менуваат и ќе изнесуваат 86,50 и 88,50 денари за литар, додека малопродажната цена на еуродизел (Д-Е V) се зголемува за 3,50 ден/лит и ќе изнесува 95,5 денари за литар. Има зголемување и на малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 2,50 ден/лит и ќе изнесува 92 денари за литар и на мазутот М-1 НС за 0,157 ден/кг и сега ќе изнесува 47,610 ден/кг.
Доколку останеше на сила ДДВ од 18 %, цената на бензините ќе беше повисока за 6,50 ден/л, а дизелот за 10,50 ден/л.
Инаку РКЕ го смени начинот на формирање на цените на горивата, отворајќи простор за побрзи реакции на пазарните и даночните промени. Со најновите измени на Правилникот, РКЕ овозможува, покрај редовните одлуки што се носат секој понеделник, да може да свикува и вонредни седници во текот на неделата доколку има промени во даноците, таксите или другите давачки што директно влијаат врз малопродажните цени.
Со новиот Правилник, РКЕ нема автоматски секојдневно да ги менува цените според берзите, туку ќе реагира селективно – кога ќе има промена во даночната компонента. Во тие случаи, берзанската цена и курсот ќе останат исти како во последната одлука, а ќе се коригира само делот што доаѓа од државната интервенција.
Практично, новиот модел значи дека цените на горивата во Македонија ќе станат почувствителни не само на глобалните движења на нафтата туку и на домашните политички и фискални одлуки. Правилникот, кој досега беше техничка алатка за пресметка, сега станува инструмент за побрзо пренесување на владините мерки директно до цените што ги плаќаат граѓаните на бензинските пумпи.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека владината интервенција го ублажува очекуваното поскапување на горивата, кое, според пресметките, би изнесувало околу 6 денари за бензинот и над 10 денари за дизелот, за литар. Со новата мерка, цените се намалуваат за околу 6,5-7 денари за литар.
Тој нагласува дека државата има стабилно снабдување и доволни резерви на гориво, па нема потреба да се ограничуваат граѓаните од соседните држави да купуваат кај нас.
Дневната заштеда за граѓаните, со владината мерка, изнесува над 200.000 евра, а неделно се очекува да биде околу 1,5 милиони евра.
Во моментов, Македонија има најниски цени на дизелот и на бензинот во регионот, што доведе до зголемена потрошувачка од околу 150.000 литри на ден. Најголем притисок има на западната (Охрид, Струга, Дебар), јужната (Битола, Гевгелија) и на северната (Куманово) граница.
Премиерот истакнува дека е стабилна електроенергетската состојба и дека снабдувањето со нафта и нафтени деривати е редовно и сигурно. Владата директно го поддржува стандардот на граѓаните преку буџетот, што го смета за главен приоритет.
Се очекува и разговор со компанијата ОКТА, која веќе одобри попуст од 2 денари за литар за трговците, што делумно се одрази и на малопродажните цени.
Во однос на критиките од опозицијата, Мицкоски посочи дека единственото по што ќе биде запаметен СДСМ е лошото справување со ковид-пандемијата.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, најави дека се следи состојбата на светските берзи и дека не се исклучуваат дополнителни мерки, вклучително и интервенции во акцизите.
– Нафтената компанија ОКТА им излезе во пресрет на граѓаните и даде попуст од 2 денари за финалната цена. Тоа се ефектуираше во цената на трговците по неколку дена. ОКТА пак ќе излезе во пресрет за да се задржи нивото на цената. Ќе се јавиме повторно и ќе видиме што да се направи понатаму со цел граѓаните да немаат некои ценовни шокови – рече Божиновска
Околу евентуалното намалување на акцизата за горивата, Божиновска вели дека, како држава, може да дејствуваат со намалување за еден, два или четири денари.
– Со нашата одлука за намалување на ДДВ на горивата, се одлучивме за поголема мерка и, секако, имаме план. Разговараме и со Брисел и гледаме како секоја земја ќе носи одлуки – истакна Божиновска.
Опозицијата критикува: Мерките за горивата задоцнети и недоволни за заштита на граѓаните
СДСМ оцени дека мерката на премиерот Христијан Мицкоски за намалување на ДДВ на горивата од 18 на 10 % е задоцнета и без реален ефект, предупредувајќи дека повторно ќе растат цените и дека граѓаните нема да почувствуваат олеснување. Од партијата потсетуваат дека дизелот во изминатите три недели поскапел за вкупно 21 денар, а се очекува и ново зголемување од неколку денари.
Според СДСМ, ваквите мерки нема да го запрат растот на цените, туку дополнително ќе го зголемат притисокот врз семејниот буџет. Посочуваат дека поскапувањето на горивата веќе се прелева врз цените на основните производи, при што дел од храната бележи значителен раст. Оттаму бараат Владата да прифати пообемни мерки, меѓу кои намалување на ДДВ на горивата на 5 %, намалување на акцизите, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и намалување на цените на патарините.
Од Левица, пак, оценуваат дека Владата нема сериозна стратегија за справување со енергетската криза и дека е задоцнета реакцијата. Тврдат дека граѓаните веќе платиле милиони евра повеќе за гориво поради доцнењето на мерките и обвинуваат за лошо управување со кризата. Според нив, наместо заштита на јавниот интерес, им се дава приоритет на бизнис-интересите.
Партијата предлага итни чекори, вклучително и замрзнување на цената на дизелот, намалување на маржите, ослободување од одредени давачки и активирање на стоковните резерви, со цел да се ублажи ударот врз граѓаните.
Грчки медиуми: Намалувањето на ДДВ – драстична мерка за стабилизирање на цените на горивата
Грчките медиуми ја коментираат одлуката на Владата за намалување на ДДВ на горивата за речиси половина, со цел да се задржат цените на бензинските пумпи и да се спречи нивниот понатамошен раст. Според нив, станува збор за драстична мерка преземена во услови на поскапување предизвикано од војната на Блискиот Исток.
Како што пренесуваат грчките весници, со оваа одлука се предвидува речиси преполовување на данокот, со цел да се стабилизираат цените на горивата на домашниот пазар. Се очекува цената на бензинот да остане непроменета, додека дизелот би можел да поскапи за околу 3- 3,5 денари (односно околу 0,04-0,05 евра) за литар.
Дополнително, медиумите се повикуваат на податоци од француската новинска агенција, според кои се зголемиле цените на бензинот и на дизелот во регионот на околу 1,40 и 1,49 евра за литар.
Во меѓувреме, во Грција веќе се воведени мерки за ограничување на профитната маржа кај горивата. Со одлука на Владата, маржата не смее да надмине 5 центи за литар во големопродажбата и 12 центи на бензинските пумпи.
Грчките медиуми посочуваат дека се очекува премиерот Кирјакос Мицотакис наскоро да соопшти нови мерки за поддршка на граѓаните, меѓу кои би можеле да бидат опфатени и дополнителни мерки поврзани со цената на бензинот.
Цените на нафтата и на гасот во пад по одложувањето на евентуалниот удар врз Иран
Цените на нафтата и на природниот гас забележаа умерена стабилизација и благ пад на светските пазари откако американскиот претседател, Доналд Трамп, соопшти дека го одложува евентуалниот воен удар врз иранските енергетски капацитети за пет дена. Овој потег остави простор за дипломатско решение и за намалување на тензиите во регионот.
Според аналитичарите, одложувањето делумно ја намалило таканаречената геополитичка премија, која претходно ги движеше цените нагоре. Стравувањата дека конфликтот би можел да ги загрози клучните извозни маршрути, особено низ Ормутскиот Теснец, засега се ублажени.
Нафтените берзи реагираа со корекција. Цената на суровата нафта се спушти на околу 84,6 долари, додека нафтата брент падна на 96,6 долари. Цената на природниот гас, исто така, се намали за околу 2,5 %, поради очекувањата дека нема да дојде до итно нарушување на снабдувањето.
Иако одложувањето донесе краткорочно смирување, ризиците не се елиминирани. Иран, како значаен производител во рамките на ОПЕК, игра клучна улога во глобалната понуда на нафта, па секоја нова ескалација може брзо да влијае врз цените.
Аналитичарите предупредуваат дека пазарите остануваат чувствителни на политичките сигнали и во наредниот период се очекува движење во тесен опсег, со можни нагли промени. Клучното прашање останува дали дипломатските напори ќе доведат до деескалација или само ќе ја одложат следната ценовна нестабилност.
(А. С.)











