Според раководителот на Главниот штаб за ДЗС, Стојанче Ангелов, покрај напуштените селски куќи обраснати со густа вегетација, честа причина за пожарите е и потпалувањето – од небрежност, но и од криминални мотиви – за да се сече изгорената шума за пониска цена. Како што рече, тешко е да се обезбедат докази зашто тие „најчесто горат заедно со пожарот“. Најголем предизвик за Ангелов и натаму е пожарот во Мариовско, потоа во Студеничани (Моране, Вртекица и село Рамни Габер), а поради тешкиот терен, комплексен останува пожарот во атарот на село Драгов Дол
Околу напуштените куќи во селата или викендички што ретко се користат, сопствениците да направат противпожарни пресеки, широки по десетина метри во зависност од околната вегетација, препорача шефот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на ДЗС, Стојанче Ангелов. Според него, во борбата со пожарите, кои, рече, во иднина ќе ги има сè почесто поради глобалното затоплување и сушите, фокусот треба да биде ставен на превенцијата. Таа, рече, помага многу, но не е единствено решение.
– Со години наназад го упатувам овој апел: исчистете ги вашите дворови. Исчистете ја околината на вашите викендички и куќи. Само така ќе бидете сигурни дека пожарот нема да ја запали доколку стигне до вашата куќа или викендичка – изјави Ангелов.
Тој апелираше до сите претставници на локалната власт – при појава на пожар веднаш превентивно да ги обезбедат селата и осамените објекти.
Според Ангелов, покрај напуштените селски куќи обраснати со густа вегетација, честа причина за пожарите е и потпалувањето – од небрежност, но и од криминални мотиви – за да се сече изгорената шума за пониска цена. Како што рече, тешко е да се обезбедат докази зашто тие „најчесто горат заедно со пожарот“.
– Имаме пожари и од одмазднички мотиви. На повеќе места сме сигурни дека поради одмазда, се палат шуми. Таков е случајот во Македонски Брод, каде што имавме лице во притвор, кое откако беше пуштено, по неколку дена повторно запали пожар. Барем такви се сомневањата. Се одмаздуваат затоа што претходно шумската полиција, односно Национални шуми, одзеле одредено количество украдени дрва – истакна Ангелов.
На прес-конференцијата, тој рече и дека прифаќаат да им помагаат доброволци, но тие треба да бидат добро обучени и да бидат од локалното население, кое го познава местото.
Инаку, во текот на вчерашниот ден, според Ангелов, имало 35 пожари на отворен простор.
Најголем предизвик, рече, и натаму е пожарот во Мариовско, потоа во Студеничани (Моране, Вртекица и село Рамни Габер), а комплексен поради тешкиот терен останува пожарот во атарот на село Драгов Дол.
Пожар има и во атарот на кичевското село Тајмиште, во месноста Дарда, во атарот на велешкото село Караслари, како и во кумановските села Кучкарево и Градиште.
Соопшти дека пожар избувнал и на територија на општина Крушево, во селата Белушино и Јакреново, како и во село Никуштак во Липково, каде што има опасност да навлезе во борова шума.
– Карактеристично е тоа што овде секоја година имаме безброј подметнати пожари. На територија на општина Липково, како по традиција, криминалци подметнуваат пожари. Овие пожари не се случајни, особено во овој регион – нагласи Ангелов.
Според информациите од ЦУК, денеска, до 13:00 часот, биле регистрирани вкупно 12 пожари на отворен простор, од кои 8 се активни, а 4 се изгаснати.
Активни пожари се пожарите во општините Прилеп Новаци и Могила и тоа во селото Чаниште – крак кон селото Крушевица – селото Лопатица, крак кон Црна Река, крак кон селото Орле – Општина Новаци и крак кон селото Мојно – Општина Могила, каде што гори ниска вегетација. Потоа, пожарот во селата Белушно и Јакреново – Општина Крушево, каде што гори ниска вегетација и деградирана дабова шума, во селата Моране, Вртекица и Рамни Габер – Општина Студеничани, каде што гори мешана шума, во местото викано Видуш кај селото Драгов Дол и кај селото Локвица – Општина Македонски Брод, каде што горат ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки, во селото Тајмиште, местото викано Дарда – Општина Кичево, каде што гори високостеблеста букова шума, во селото Караслари – Општина Велес, каде што горат ниска вегетација и грмушки, во селото Никуштак – Општина Липково, каде што гори ниска вегетација и шума, како и во селата Кучкарево и Градиште, каде што гори ниска вегетација.
Изгаснати се пожарите во селото Калигерци – Општина Радовиш, кај стадионот во гостиварската населба Фазанерија, во Општина Неготино во местото викано Ило Виларов и во струшко Ново Село.
Смарт-камерите на ЦУК навреме алармираа за пожарот кај Никуштак
Преку системот за рана детекција на шумски пожари со смарт-камери, инсталиран во ЦУК, навреме е детектиран пожар во атарот на село Никуштак, Општина Липково.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, информираше дека по детектирањето на пожарот, веднаш биле известени Територијалната противпожарна единица Куманово и Подружницата на Национални шуми – Куманово, со цел преземање соодветни мерки и интервенција на терен.
– Системот за рана детекција овозможува операторите во Секторот за операции и координација при ЦУК да ја контролираат и да ја насочуваат камерата, со што состојбата со пожарот може континуирано да се следи визуелно во реално време. На овој начин, паралелно со следењето на пожарот, се овозможува и навремена координација и насочување на расположливите ресурси на терен, како и определување на правецот на дејствување на пожарот, сè до неговото локализирање и целосно гаснење – истакна Али.
(А. П.)












