понеделник, јули 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Сизифови обиди на парламентарните партии за Изборниот законик

Сизифови обиди на парламентарните партии за Изборниот законик

Преговорите заглавени, роковите од реформската агенда притискаат

1

Продолжуваат обидите за приближување на ставовите за Изборниот законик меѓу парламентарните групи во Собранието. Во меѓувреме, преку партиските говорници се испраќаат сигнали дека компромисот и натаму е невидлив на патот до законот од реформската агенда. Несогласувањата помеѓу политичките чинители се: околу начинот на гласање на македонските државјани во дијаспората, воведувањето една изборна единица и моделот за финансирање на помалите политички партии.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да прифати една изборна единица и зголемување на средствата за помалите партии доколку се постигне договор за нов Изборен законик. Тој посочи дека дијаспората останува стратешки приоритет и предложи и гласање по пошта, како можен модел. Според него, дел од опозицијата настапува со радикални позиции и го кочи процесот на усогласување на законот.

– Нашиот став е јасен. Сакаат повеќе пари? Добро, нека има помалку за нас, а повеќе за нив. Согласни сме со тоа. Согласни сме и да има една изборна единица. Подготвени сме да ги прифатиме сите барања на СДСМ и на коалициските партнери на СДСМ. Немаме никаков проблем – е последната изјава на премиерот околу прашањето за Изборниот законик, предлагајќи дијаспората да гласа по пошта.

Од „Бихаќска“ ги обвинија Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за обид за изборна манипулација со над 200.000 гласа од дијаспората.

– Откако сфати дека не може да го протне шверцерскиот начин за електронско гласање на дијаспората без никаква контрола, сега се обидува со некакво гласање по пошта. И повторно без никаква контрола и гаранција за почитување на слободната волја на граѓаните – нов модел и можност за изборни манипулации и нерегуларности. Не му е важна на Мицкоски реформската агенда, тоа му е само изговор. Важен му е само изборниот грабеж – обвинија на прес-конференција од СДСМ.

Двете партии дополнително не се согласуваат околу правилата за гласање на дијаспората во Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ е против да се гласа во ДИК со консензус, смета дека предлогот намерно ги турка преговорите во неуспех. Прашањето за консензус во ДИК, пак, е прашање на демократските изборни процеси, сметаат од СДСМ.

– Опасно и загрижувачки е тоа што ВМРО категорично одбива ДИК, со консензус, да ги регулира процедурите за гласањето на дијаспората. Од што се плаши власта? Ако навистина нејзината цел е фер и демократски изборен процес, тогаш зошто бега од механизам што обезбедува контрола, доверба и согласност меѓу сите политички чинители? – прашуваат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ и вчера порачаа од партиска говорница дека остануваат на ставот дека треба да биде усвоен Изборниот законик со широк политички консензус, во интерес на државата, реформите и овозможувањето на македонската дијаспора да го оствари своето право на глас по електронски пат. Обвинија дека СДСМ и Левица го блокираат донесувањето на законот, кој ги содржи препораките на ОБСЕ и ОДИХР, како и предлозите што со месеци биле усогласувани на работните средби.

– Како ВМРО-ДПМНЕ, предложивме дијаспората да гласа по електронски пат или по пошта. Овој предлог беше одбиен од СДСМ, затоа што, според нас, стравува дека граѓаните што ја напуштија државата во периодот на неговото владеење нема да ги поддржат неговите политики – изјавија од владејачката партија, сомневајќи се во блокада на законот во Собранието, што го доведува во прашање исполнувањето на реформските обврски на државата.

Либерално-демократската партија повика да му се стави крај на евтиниот политички ПР и јавноста да знае што сè се договарало на средбите за Изборниот законик.

– Повикуваме јавно да се објават сите записници од работната група за измени на Изборниот законик, како и сите поднесени предлози и амандмани. Сè нека ѝ се стави на увид на јавноста, па граѓаните сами да видат кој зборува со факти, а кој фабрикува реалност – изјавија од партијата.

На брифинг со новинарите, спикерот Африм Гаши рече дека ја поддржува идејата за електронско гласање, под услов да има идентификација на гласачите и тајност на гласањето. Ги повика координаторите на пратеничките групи да се обидат да ги надминат различните ставови и да постигнат компромис за Изборниот законик.

– Во неколку земји, таа практика е функционална и има позитивни примери за тоа. Ако веќе плаќаме сметки преку банка, уплатуваме средства и сè е електронско… Прашав и неколкумина ИТ-експерти дали може да се обезбедат приватност и безбедност во гласањето, ми тврдат дека може да се направи тоа, но треба политичка волја за тоа. Ние треба да се стремиме кон тоа да овозможиме таков Изборен законик што ќе ни овозможи граѓаните да гласаат фер, демократски и да се изрази волјата на граѓаните преку избори. Тоа е смислата на демократијата – изјави Гаши.

Уставниот суд ќе расправа за политичкото рекламирање

Во екот на преговорите за Изборниот законик, Уставниот суд за в среда ја стави на дневен ред, на седницата, иницијативата на Левица со која се оспорува политичкото рекламирање во актуелниот акт. Подносителот смета дека толкувањето на Изборниот законик предвидува сите регистрирани партии што се јавуваат како учесници во изборниот процес, без оглед дали се парламентарни или вонпарламентарни, да добијат соодветна и пропорционална државна поддршка и медиумски простор за претставување на граѓаните.

Судиите ќе расправаат за медиумскиот предизборен колач во време кога се натегаат политичките партии и околу ова прашање: колку пари треба да добијат партиите за политичко рекламирање? Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија лидерот на Левица, Димитар Апасиев, дека е алчен и оти намерно го блокира ИЗ, правејќи политички театар. Од владејачката партија велат дека иако бил ставен „на маса“ договор во кој биле прифатени барањата на Левица, сепак, партијата го блокира процесот.

– Иако со консензус од сите политички партии беше прифатено она што го бараа Димитар Апасиев и Левица, а тоа е повеќе пари за финансирање на кампањата од буџетот, квазилевичарите денес го поништуваат тој договор – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Левица, пак, велат дека она што најмногу „ја мачи“ власта е една изборна единица.

– Наместо реформа што обезбедува вреднување на секој глас, јавноста се занимава со тема што вчера не постоеше, а денес одеднаш е претставена како предуслов без кој нема изборни реформи и демократија: електронско гласање на дијаспората – соопштуваат од партијата. (П. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ