Уапсени се две лица од Скопје под сомнение дека на 5 јули годинава го предизвикале пожарот на Јужен булевар во Скопје, во близина на Рампа, на километар до центарот на градот. Во пожарот беше повреден еден пожарникар од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи, лишени од слобода се С. А. (34) и И. Х. (39), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело предизвикување општа опасност, во напуштен објект на булеварот „Македонија“, при што еден пожарникар се здобил со повреди, а две противпожарни возила биле оштетени.
– Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок – велат од МВР.
Инаку, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека денеска до 13:00 часот биле регистрирани вкупно шест пожари на отворен простор на територијата на државата. Од нив, еден пожар бил сè уште активен, а пет изгаснати.
Активниот пожар е во Општина Куманово, на местото викано Пармакови Ниви, каде што гори сува трева.
Во меѓувреме, изгаснати се пет пожари на различни локации во државава. Во Општина Демир Капија, во селото Прждево, биле зафатени две куќи, помошен објект, сува трева и нискостеблеста шума. Во Општина Ѓорче Петров, кај селото Волково, во близина на Лепенец, горела депонија. Бил изгаснат пожар и во Општина Новаци, во селото Новаци, каде што горела сува трева, како и во Општина Дебар, каде што било зафатено ѓубре. Петтиот пожар е регистриран во Општина Кочани, на потегот од селото Грдовци кон Мојанци, каде што, исто така, горела депонија.
Од ЦУК велат дека ќе продолжат да ја следат состојбата на терен, а надлежните служби се ангажирани за целосна локализација и спречување нови пожари.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска, на прес-конференција информираше дека на средбата со претставниците на доброволните противпожарни друштва било договорено во текот на сезоната на пожари, преку тимовите за брз одговор, на Дирекцијата да ѝ бидат на располагање најмалку 120-мина пожарникари доброволци.
– Исто така, разговаравме и за внатрешната организација. Целосно ја менуваме структурата. Наместо да бидат ангажирани доброволците преку локалните ограноци на Дирекцијата, тоа ќе го правиме преку наша внатрешна организација. Избравме неколку лица, кои, по принципот на воена пирамида, ќе ги информираат и координираат другите – рече Ангелов, нагласувајќи дека на тој начин ефикасноста ќе биде значително поголема.
Намерата на Ангелов е да се ангажираат доброволци пожарникари наместо полицијата и Армијата.
Артан Демири од доброволното пожарникарско друштво „Бајрам Мифтари“ од Чаир, кое има уште четири подружници во општините Долнени, Чучер-Сандево, Арачиново и Липково, истакна дека со ресурсите со кои располага, друштвото во иднина мoже да учествува во акциите за гаснење шумски пожари и други елементарни непогоди.
Александар Ангелевски, секретар на доброволното пожарникарско друштво „Архангел“ од Битола, кое располага со девет возила и има околу 40 оперативни пожарникари, потенцираше дека работат без пари. Додаде дека единствено бараат финансиски средства за одржување и сервисирање на своите возила, за набавка на опрема, за набавка на храна…
Ангелов информира дека Дирекцијата, со предлог-ребалансот на буџетот, очекува значително повеќе средства за исплаќање дневници на тимовите за брз одговор што се составени од доброволци. Соопшти дека Собранието изгласало измени и дополнување на Законот за заштита и спасување со кои очекува олеснување на оперативното работење ова лето. Потенцира дека е зголемена старосната граница кај мажите што можат да учествуваат во акциите на тимовите за брз одговор, од 55 на 64 години, а кај жените – од 52 на 62 години.
Во однос на состојбата со пожарите, Ангелов соопшти дека, генерално, секојдневно има повеќе од десет пожари, кои веќе стануваат сериозни.
–












