Десетици пожари за само неколку дена, дел од нив на стрништа и сува вегетација. ЦУК предупредува за многу висок индекс на опасност од пожари во источниот, централниот и во јужниот дел од земјата, а дел од случаите на намерно палење го отвораат прашањето за одговорноста на потпалувачите – дали паричната е доволна казна
Состојбата со пожарите во земјава повторно се влошува, а високите температури се голем ризик за брзо ширење на огнот. Центарот за управување со кризи регистрирал вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои два останале активни – во Горно Лисиче и на депонијата на излезот од Крива Паланка. Уште 22 пожари биле целосно изгаснати, додека пожарот над Зелениково бил ставен под контрола.
Податоците од вчера, пак, покажуваат дека продолжила да се развива огнената состојба во текот на денот. До 13:00 часот биле регистрирани девет пожари на отворен простор, од кои пет активни, еден под контрола и три изгаснати. Активни биле пожарите во Горно Лисиче, каде што огнот зафатил ниска вегетација, дрва и пченка, кај автопатот Скопје – Велес спроти бензинската станица „Макпетрол“, во Турново кај Босилово, каде што горело стрниште, на депонијата кај Крива Паланка и во Симница, Гостивар, каде што биле зафатени ниска вегетација, стрништа и грмушки. Особено сериозна била состојбата кај Крива Паланка, каде што голем пожар ја зафатил депонијата во непосредна близина на градот. Повеќе од 12 часа екипите на ЈП „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица интервенирале за локализирање на огнот, со помош од Ранковце, локални компании и на граѓани со сопствена механизација.
Во повеќе случаи, огнот се појавува токму таму каде што во овој период од годината има најмногу сува трева, остатоци од земјоделски површини и стрништа. Палењето растителни остатоци, намерно или од невнимание, во услови на суша и високи температури може за кратко време да прерасне од локален пожар во огнена хаварија.
ФАТЕН ОВЧАР КАКО ПОТПАЛУВА ВО МАКЕДОНСКИ БРОД, ИМА И СНИМКА ОД ДРОН
Дека човечкиот фактор е сериозен дел од проблемот покажува и случајот од Македонски Брод. На 7 август, при контролни активности на терен, полициските службеници од ОВР Македонски Брод и екипите на ЈП „Национални шуми“ со дрон снимиле сточар како подметнува пожар на територијата со која стопанисува подружницата „Сандански“. Г. С. од Македонски Брод бил фатен на дело, бил приведен и против него е поднесена кривична пријава. Како доказ треба да послужат и снимките направени со дрон.
Од „Национални шуми“ посочуваат дека пред две години, во 2024 година, на истото подрачје било затечено лице како подметнува пожар, кое подоцна било осудено само на парична казна од 50 евра. И додека институциите предупредуваат дека може во вакви горештини да се прошири пожарот со голема брзина, во јавноста повторно се поставува прашањето дали се казните доволно високи да ги одвратат пироманите.
Последиците од палењето сува трева и стрништа не остануваат само на земјоделската површина. Во Палатица, Тетово, пожарот што почнал на сува трева во ниви се проширил и зафатил викенд-куќа. Пожарот бил изгаснат вчера, со интервенција на тетовската противпожарна единица.

Сличен проблем беше регистриран и во Волково, каде што пожарот беше закана и за околните куќи. По интервенцијата на пожарникарите, на социјалните мрежи, жителите поведоа иницијатива за запуштените и необработени парцели, со барања сопствениците да бидат обврзани да го одржуваат земјиштето и да бидат санкционирани доколку не го прават тоа.
– Ќе донесете ли закон за неодржување плацови? Живееме опкружени со дрвја, обраснати парцели и со хаварисани возила. Не смееме ниту да влеземе да расчистиме. Секоја година го зборуваме истото. Голема благодарност до пожарникарите што го спасија Волково – напиша жител на населбата.
Во коментарите, повеќе жители посочуваат дека не е проблемот само во Волково туку и во Орман и во околните населби, каде што тревата на некои парцели достигнува и до два метри.
– Како во Европа – казни. Кога ќе се удри по џебот, тогаш ќе има одговорност – се заклучува во еден од коментарите.
Во иницијативата пишува: „Инспекторите треба да изрекуваат казни, но ако сопственикот не постапи, општината, преку комуналните служби, да ја искоси парцелата, а трошокот да му биде фактуриран. Лани пожарот се ширеше токму преку такво обраснато земјиште“.
Пожарот во Волково избувна во саботата попладне, а поради неговото ширење кон куќите, на терен интервенираа Пожарната, а се гаснеше и со четири „пинцгауери“. Пожарот, пак, што избувна зад Водно, во Сопиште, се гаснеше од воздух, со „ер трактори“.
ШТО, ВСУШНОСТ, ПОКАЖУВА ФВИ?
Во вакви услови особено значаен е ФВИ – фајер ведер индекс, односно метеоролошкиот индекс за опасност од пожари. Индексот не кажува дека сигурно ќе избувне пожар на одредено место, туку покажува колку се поволни временските услови за да се појави пожар и колку лесно може да се прошири доколку избувне. При пресметувањето се земаат предвид метеоролошките параметри како што се температурата, влажноста на воздухот, ветерот и врнежите, односно условите што влијаат врз сушењето на вегетацијата и врз однесувањето на пожарот. Колку е поголем индексот толку е поголем потенцијалот за брзо ширење и за посилен пожар.
Токму затоа предупредувањето на ЦУК за денес е особено важно. Според податоците од МКФФИС, во попладневните часови, источниот, централниот и јужниот дел од земјата ќе бидат со многу висок ФВИ. Во другиот дел од земјата индексот ќе биде висок, додека повисоките планински предели ќе бидат со низок и со многу низок индекс.
Практично, тоа значи дека комбинацијата од високи температури, сува вегетација и временски услови создава средина во која малиот пожар може многу брзо да стане голем.

Ако се додаде на тоа и човечкиот фактор – палење стрништа, сува трева, отпад или намерно подметнување пожар – уште повеќе се зголемува ризикот. Затоа од ЦУК апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при престој и движење во природа, бидејќи едно невнимателно постапување во вакви услови може да предизвика пожар што за кратко време ќе зафати голема површина.
Во 2025 година, во земјава биле регистрирани 178 шумски пожари, кои опожариле околу 17.600 хектари шума и шумско земјиште. Изгореле околу 283.000 кубни метри дрвна маса, а проценетата штета достигнала околу 50 милиони евра, стои во извештајот на „Македонски шуми“. Уште потешка била 2024 година. Тогаш биле регистрирани 250 шумски пожари, кои опожариле околу 61.000 хектари, со проценета штета од околу 83 милиони евра. Само за две години, шумските пожари оставиле зад себе околу 133 милиони евра штета, со вкупно 428 регистрирани пожари и речиси 79.000 опожарени хектари. И 2022 година беше една од потешките сезони со пожари, кога беа зафатени десетици илјади хектари од огнот, меѓу нив повеќе од 4.000 хектари во Берово, Пехчево и во Делчево. Вкупната материјална штета од шумските пожари таа година била проценета на околу 38 милиони евра.
И БАЛКАНОТ ПОД ОГАН
И соседните земји деновиве се соочуваат со зголемен ризик и со активни пожари. Во Грција е прогласено црвено предупредување за опасност од пожари во повеќе региони. Со највисоко ниво на готовност се опфатени Атика, вклучително и Китира, Коринт, Арголида, Аркадија и Лаконија, како и Крит, Беотија, Фтиотида, Евија и повеќе острови во северниот и во јужниот Егеј. Националниот механизам за цивилна заштита е ставен во зголемена оперативна готовност.
Во Албанија, пак, во последните 24 часа биле регистрирани 30 пожари, од кои осум останале активни. Во операциите биле ангажирани 54 противпожарни возила и 502 оперативни сили, меѓу кои и припадници на вооружените сили. За гаснењето биле употребени и три хеликоптери и авион „ер трактор“. (П. А.)












