Скокот на цената на нафтата беше очекуван, но и покрај тоа што соседните земји свикаа вонредни седници и донесоа превентивни мерки, од Владата смируваа дека имаме резерви и дека имаме најниски цени на горивата во регионот. Но, по вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, цената на дизелот скока за 14,5 денари за литар, а на бензините за 5 денари, што создаде паника кај граѓаните и предизвика редици пред бензинските пумпи.
Дали Владата ќе ја примени опцијата за намалување на акцизата, која изнесува 15,50 (денари/литар) за дизел-горивото, а за бензините е 22,00 (денари/литар), веројатно, ќе се знае по денешната редовна седница на Владата. До затворањето на весникот вчера, немаше најава дали ќе биде активиран механизмот за намалување на акцизите за онолку колку што се зголемени цените на горивата

Додека Владата на Хрватска ги замрзна цените на горивата, а Србија воведе забрана за извоз на нафтени деривати за да го заштити домашниот пазар, македонските граѓани денеска се соочија со силен ценовен шок. Регулаторната комисија за енергетика одлучи од полноќ дизелот да поскапи за 14,5 денари за литар, што претставува скок од околу 36 проценти, додека бензините ќе поскапат за пет денари од литар или за 13,4 проценти. Веста веднаш предизвика метеж пред бензинските пумпи, каде што возачите брзаа да наточат гориво по стара цена.
Ако Владата не преземе мерки за ублажување на поскапувањето, возачите ќе мора значително повеќе да плаќаат за гориво. Со оглед дека просечниот резервоар на патничко возило собира меѓу 40 и 60 литри, полнењето ќе стане значително поскапо. Така, за 50 литри еуродизел, по новата цена ќе треба да се издвојат околу 4.275 денари, што е за 725 денари повеќе отколку пред поскапувањето. Кај бензинските автомобили, растот на трошоците е помал, но, сепак, значителен. Полн резервоар со еуросупер 98, според новите цени ќе чини околу 4.075 денари, што е за околу 250 денари повеќе од досегашната цена.
Ако се земе пример дека еден возач месечно поминува околу 1.000 километри, со просечна потрошувачка од осум литри на 100 километри, тогаш месечната потрошувачка би изнесувала околу 80 литри гориво. Во таков случај, трошокот за дизел би достигнал околу 6.840 денари, што е за 1.160 денари повеќе од досега, додека кај бензинските автомобили месечниот трошок би бил околу 6.520 денари, односно за 400 денари повеќе.
Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, цената на еуросупер БС-95 ќе изнесува 79,5 денари за литар, еуросупер БС-98 ќе се продава за 81,5 денари, додека еуродизел БС ќе достигне 85,5 денари за литар. Цената на екстра лесното масло за домаќинство ќе биде 82,5 денари за литар, а мазутот ќе се продава по 42,586 денари за килограм.
Дали ќе интервенира Владата со намалување на акцизата?
Зголемената побарувачка за гориво ја потврдија и од Државниот пазарен инспекторат. Директорот на Инспекторатот, Влатко Стојкоски, изјави дека побарувачката за нафтени деривати е зголемена за три до четири пати, а инспекторите во изминатите денови направиле околу 250 контроли на бензинските пумпи. Кај околу 25 пумпи било забележано дека привремено нема бензин или дека се ограничува продажбата на одредена количина, но снабдувањето, главно, се обновувало по неколку часа.
– Ако имаат бензин во резерва, тие мора да точат. Ограничувањето на количините е дозволено според Законот за заштита на потрошувачите кога има зголемена побарувачка, исто како и кај други производи – изјави Стојкоски.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата располага со механизми за интервенција доколку продолжат да растат цените.
– Доколку има драматичен скок на цената на нафтата и на нафтените деривати, Владата веднаш ќе интервенира. Имаме неколку опции: намалување на акцизата или на ДДВ, со цел да се заштити стандардот на граѓаните – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека во земјата има доволно резерви на нафта и на нафтени деривати и дека државните резерви покриваат повеќе од 62 дена од просечната потрошувачка. Мицкоски ги повика граѓаните да останат смирени, додавајќи дека институциите внимателно ја следат ситуацијата на светските енергетски пазари и дека ќе реагираат доколку се појави нагло поскапување на горивата.
Доколку се примени опцијата за намалување на акцизата, потребно е Министерството за енергетика да ја информира Владата да прогласи кризна состојба и да го задолжи Министерството за финансии да го активира механизмот за намалување на акцизите за онолку колку што се зголемени цените на горивата.
Дали Владата ќе ја примени опцијата за намалување на акцизата, која изнесува 15,50 (денари/литар) за дизел-горивото, а за бензините е 22,00 (денари/литар), веројатно, ќе се знае по утрешна редовна седница на Владата. До затворањето на весникот немаше најава дали ќе биде активиран механизмот за намалување на акцизите за онолку колку што се зголемени цените на горивата.
Владите во регионот со превентивни мерки
Ескалацијата на кризата на Блискиот Исток веќе натера некои земји од регионот да преземат превентивни мерки. Хрватска ги ограничи цените на горивата и ги намали акцизите, додека Србија воведе привремена забрана за извоз на нафта и на деривати. Во Црна Гора, исто така, се формираа редици на бензинските пумпи по предупредувањето за можни проблеми со снабдувањето.
Во Бугарија засега нема нови рестриктивни мерки, но властите внимателно ја следат ситуацијата на светските пазари. Европската комисија проценува дека во моментов нема непосредна опасност од прекин на снабдувањето со нафта за земјите од ЕУ, иако кризата може да доведе до раст на цените во следните недели.
Грција засега не воведува ограничување на извозот или на продажбата на горива. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека земјата е меѓу европските економии што би можеле посилно да ги почувствуваат последиците од продолжена енергетска криза, поради зависноста од увоз на енергенси.
Во Албанија и во Косово нема најави за ограничување на снабдувањето со гориво, но експертите предупредуваат дека најголемиот ризик за Западен Балкан од кризата на Блискиот Исток е економски – повисоки цени на нафтата и можен нов инфлаторен притисок.
На глобално ниво, цената на нафтата повторно надмина 110 долари за барел, највисоко ниво од 2022 година, поради прекините во транспортот на енергенси преку Ормускиот Теснец. Поради растот на цените и нестабилноста на пазарите, министрите за финансии на земјите од Г7 свикаа итен состанок за да ги разгледаат можните економски последици и потенцијални мерки за стабилизација на снабдувањето со енергија.
Потребна е брза реакција од Владата за намалување на ценовниот шок од поскапувањата на горивата
ЛДП од надлежните бара итна и ефикасна реакција по последната одлука на Регулаторна комисија за енергетика, за поскапување на нафтата и нафтените деривати, со цел олеснување на товарот на џебовите на граѓаните.
– Воопшто не е изненадувачка одлуката на РКЕ, со оглед на случувањата на Блискиот исток и воената интервенција во Иран, која ги зафати и соседните земји. Изненадува фактот што владата делува целосно неспремно и неподготвено, иако пред само десеттина дена нѐ убедуваа дека „нема опасност“ по државата. Додека барелот сирова нафта на светските берзи веќе надминува 100 долари, апелираме до Владата, Министерството за енергетика и останатите надлежни државни институции да излезат во пресрет и да им помогнат на граѓаните – велат од ЛДП.
Оттаму очекуваат во наредните денови Владата да излезе со конкретни мерки и чекори за олеснување на ценовниот шок на јавноста, особено во време на висока инфлација и секојдневно зголемување на цените.
– Од Владата за почеток бараме итно привремено намалување на акцизата за увоз на горива уште во наредните денови и воведување на други мерки и субвенции, за вистински навремено да се реагира и да се намали дополнителниот ценовен шок на граѓаните – велат од ЛДП.
Европскиот пазар на гас во турбуленции – цените се дуплираа за една недела
Европскиот пазар на природен гас се соочува со сериозни ценовни потреси откако во изминатата недела цената на енергенсот порасна за повеќе од 115 проценти. Ова е најголемиот скок забележан од енергетската криза во 2022 година, а главна причина е прекинот на испораките на течен природен гас (LNG) од Катар, поради воената ескалација на Блискиот Исток и блокадата на Ормутскиот Теснец од страна на Иран. Како резултат, глобалната понуда на гас се намали, а европските купувачи се принудени да се натпреваруваат со другите пазари за ограничените количини.
Цената на гасот вчера достигна околу 68,8 евра за мегават-час, што е значителен раст во однос на нивото од крајот на февруари. Сепак, аналитичарите нагласуваат дека ситуацијата сè уште е далеку од драматичните движења на пазарот во 2022 година, кога цените на европскиот гас достигнуваа меѓу 80 и 90 евра за мегават-час, а во август истата година достигнаа историски максимум од над 340 евра за мегават-час.
Иако Катар не е најголем снабдувач на Европа, земјите од ЕУ добиваат околу 6 до 8 проценти од увозот на течен природен гас од оваа држава. Во глобални рамки, Катар има околу 20 проценти удел на пазарот на LNG, додека САД обезбедуваат речиси 60 проценти од испораките за европските земји. Поради намалените количини, европските купувачи се принудени да понудат повисоки цени за да обезбедат испораки, бидејќи танкерите со течен природен гас можат да бидат пренасочени кон азиските пазари, каде што е поголема побарувачката.
Енергетските експерти предупредуваат дека, дури и ако конфликтот на Блискиот Исток заврши наскоро, нормализацијата на снабдувањето од Катар нема да биде брза и ќе бидат потребни недели или месеци за да се стабилизира системот.
Некои финансиски институции веќе ги коригираа своите прогнози, предупредувајќи дека продолжениот прекин на испораките може да доведе до намалување на глобалниот вишок на LNG и до можен недостиг на гас на пазарот во текот на годината.
(С. Бл.) – Фото: Ѕвонко Плавевски












