Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, учествува на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и на Светската банка, кој годинава се одржува во Варна, Бугарија, под мотото „Претворање на неизвесноста во долгорочна можност“.
На состанокот се разгледуваат актуелните глобални економски предизвици, со акцент на макроекономската и финансиската стабилност, дигиталната трансформација, продуктивноста, финансиската вклученост и на улогата на европските економии во глобалните синџири на вредност.
Во рамките на настанот, Славески оствари повеќе билатерални средби со високи претставници на ММФ и на Светската банка, меѓу кои: извршниот директор на Конституенцата во ММФ, Јерун Клик; заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај, како и потпретседателката на Светската банка за Европа и за Централна Азија, Антонела Басани.
Од Народната банка соопштија дека било истакнато на средбите оти зачувувањето на ценовната стабилност останува еден од најважните предуслови за одржлив економски раст, стабилен финансиски систем и за поволна деловна клима, особено во период на зголемени геополитички ризици, нестабилни глобални пазари и забрзани технолошки промени.
– Народната банка внимателно ги следи домашните и меѓународните економски текови и ги презема сите неопходни мерки за одржување на ценовната и финансиската стабилност. На тој начин се зајакнува довербата во монетарниот систем и се обезбедуваат стабилни услови за економски развој – истакнал Славески.
На состаноците било разговарано и за отпорноста на финансискиот систем во услови на зголемена глобална неизвесност, актуелните макроекономски предизвици, влијанието на геополитичките случувања врз економските текови, како и за можностите што ги носи дигиталната трансформација во поттикнувањето на продуктивноста, конкурентноста и на долгорочниот раст.
Соговорниците ја нагласиле важноста од навремено спроведување на структурните реформи, зајакнување на институционалните капацитети и продолжување на политиките што обезбедуваат макроекономска стабилност и поголема отпорност на економијата на надворешни шокови.
Притоа, била потврдена и успешната соработка меѓу Народната банка, ММФ и Светската банка во спроведувањето на реформските процеси, развојот на финансискиот сектор и унапредувањето на институционалната рамка, што е од особено значење за натамошниот економски напредок на земјава.
Годишниот состанок на Конституенцата претставува важна платформа за размена на искуства и координација на политиките меѓу земјите членки, во период кога светската економија се соочува со бројни предизвици и неизвесност.












