Цената на дизелот во Австрија оваа недела надмина 2,30 евра за литар, а експертите предупредуваат дека веќе не може да се исклучи ниту можноста цената да достигне три евра.
Претседателот на Здружението на трговци со енергенси при Стопанската комора на Австрија, Јирген Рот, изјави за ОРФ дека уште пред неколку недели бил уверен оти дизелот во никој случај нема да достигне три евра, но дека од денешна перспектива тоа повеќе не може да се исклучи, пренесува порталот Nittnews.
Рот исто така предупреди дека австриската влада за следната година предвидела неколку мерки кои ќе донесат дополнително даночно оптоварување.
Според неговите зборови, трговците со енергенси не профитираат од рекордно високите цени на горивата. Нивната маржа по литар изнесува само неколку центи и останува иста без разлика дали горивото чини 2,20 или 1,50 евра.
„Наш најголем интерес е цените на меѓународниот пазар повторно да паднат. Ако се случи тоа, намалувањето на цените веднаш ќе го пренесеме на потрошувачите“, рече Рот.
Економистот Јерн Клајнерт смета дека главни профитери од кризата се производителите, посебно во регионите кои не се погодени од кризата, како и преработувачите кои понатаму го продаваат горивото.
Поради тоа, според неговото мислење, на европско ниво би требало да се разгледа воведувањето данок на екстра профит, а така собраните средства државата би можела да им ги врати на потрошувачите.












