Од 1 јули, во Европската Унија стапуваат во сила нови царински правила кои значително ќе го променат начинот на кој европските граѓани купуваат производи преку интернет од земји надвор од Унијата. Со реформата се укинува досегашното ослободување од царина за пратки со вредност до 150 евра, што значи дека практично сите комерцијални стоки увезени во ЕУ ќе подлежат на царинска постапка.
За да се поедностави обработката на милионите мали пратки што секојдневно пристигнуваат во Европа, ЕК воведува привремена фиксна царинска давачка од три евра. Сепак, оваа такса нема да се пресметува по секој поединечен производ, туку по тарифна категорија во рамките на една пратка. Во практиката, тоа значи дека доколку пакетот содржи пет маички, ќе се плати една такса од три евра, бидејќи сите припаѓаат на иста тарифна класификација. Но, ако во истиот пакет има маички и часовник, ќе се наплатат две такси, односно вкупно шест евра, затоа што станува збор за две различни царински категории.
Новите правила најдиректно ќе ги погодат популарните онлајн платформи како „Тему“, „Алиекспрес“ и „Шеин“, преку кои европските потрошувачи изминатите години масовно нарачуваа евтини производи од Кина и други земји надвор од ЕУ. Дополнително, царинската давачка ќе влегува во основицата за пресметка на ДДВ, што ќе ја зголеми конечната цена што ќе ја плаќаат купувачите. Според ЕК, реформата е неопходна бидејќи секој ден на европскиот пазар пристигнуваат милиони пакети со ниска вредност, а дел од нив содржат производи што не ги исполнуваат европските стандарди за безбедност, здравје и заштита на животната средина или се потценети за да се избегнат царински обврски.
Брисел оценува дека досегашното ослободување од царина создавало нелојална конкуренција, бидејќи продавачите надвор од ЕУ имале предност во однос на европските компании кои работат според построги правила и плаќаат повисоки давачки. За пријавување и плаќање на царинската давачка ќе биде задолжен продавачот или увозникот во рамките на царинската постапка.
Со оваа мерка, Европската Унија настојува да обезбеди пофер конкуренција за европските компании, подобра заштита на потрошувачите од небезбедни производи, поефикасна борба против царинските измами и намалување на негативното влијание од масовниот транспорт врз животната средина. За потрошувачите, пак, тоа значи дека ерата на исклучително евтините онлајн нарачки од трети земји постепено завршува, а купувањето преку интернет ќе стане поскапо и порегулирано.












