Светот пред неколку дена беше сведок на нешто што со години се сметаше за невозможна мисија. Имено, кенискиот атлетичар Себастијан Саве стана првиот човек што истрча маратон за помалку од два часа во официјална трка, триумфирајќи со фантастично време од 1:59:30 на маратонот во Лондон, што му донесе приход од 355.000 долари.

Од самиот старт, Саве наметна темпо што најавуваше спектакл. Идеалните временски услови и беспрекорната тактика му овозможија да ја задржи свежината и во клучните моменти. Во последните пет километри покажа неверојатна издржливост и сила, финиширајќи на начин што ќе остане врежан во историјата.

Со овој подвиг, тој го надмина претходниот светски рекорд на Келвин Киптум (2:00:35) за повеќе од една минута – разлика што во маратонските рамки е огромна.

Покрај вечната слава, Саве беше награден и финансиски за својот подвиг. Вкупната сума од 355.000 долари доаѓа од неколку бонуси: 55.000 долари за победата, 125.000 долари за нов светски рекорд, 150.000 долари бонус за време под 2:02:00 како и 25.000 долари за рекорд на патеката.

Овој резултат веќе се става рамо до рамо со најголемите достигнувања во историјата на човештвото. Границата од два часа со години беше „светиот грал“ на маратонското трчање, а Саве конечно ја сруши.

Со време од 1:59:30, неговото име засекогаш ќе биде запишано меѓу најголемите во историјата на атлетиката – како човекот што ја помести границата на невозможното.

ИЗДВОЕНИ