петок, август 21, 2026
Дома КУЛТУРА Четворица музичари, 25 години пријателство и eдна вечер што нема да се...

Четворица музичари, 25 години пријателство и eдна вечер што нема да се повтори; „Џез-екстраваганза“ на 22 август, во „Јавна соба“

1

Што се случува кога ќе престанат четворица врвни музичари, кои се познаваат речиси 25 години, да ја следат мапата и ќе ѝ дозволат на музиката сама да го најде патот? Одговорот е „Џез-екстраваганза“, авторски музички проект во кој импровизацијата, довербата и моментот стануваат главни инструменти.

На 22 август, во „Јавна соба“, на една сцена ќе се сретнат Џијан Емин на клавијатури, Георги Шарески на гитара, Оливер Јосифовски на контрабас и Александар Петров на тапани – четворица исклучителни музичари, композитори и долгогодишни пријатели, кои заедно носат речиси четвртина век музичко искуство, проекти, концерти и патувања.

Но, ова нема да биде концерт на кој сè е однапред познато.

– Не се плашиме од грешка, повеќе се плашиме од совршено отсвирена музика во која ништо не се случило – вели Џијан Емин, опишувајќи ја филозофијата зад „Џез-екстраваганза“.

Токму тука се крие и најголемата сила на квартетот: четворицата не се обидуваат да звучат исто. Напротив, секој го носи својот препознатлив авторски глас, а музиката се создава во просторот меѓу нив. Еден поглед, една фраза, една неочекувана реакција може во истиот момент да ја промени насоката на композицијата.

– За мене, „Џез-екстраваганза“ е токму тоа: четири различни личности што не се обидуваат да станат една, туку создаваат нешто петто – вели Емин.

А токму музичката доверба, изградена низ годините, им дозволува да ризикуваат.

– Добро се познаваме и со тоа можеме да си дозволиме да ризикуваме. Токму тие слобода, доверба и синхронизација го прават секое наше свирење поинакво – вели Георги Шарески.

За Шарески, ова повторно обединување е многу повеќе од музичка соработка. По речиси 25 години заеднички патишта, тој за своите колеги вели: „Ние не сме само соработници туку и браќа во музиката и надвор од неа“.

Таа блискост не значи предвидливост. Напротив.

„Џез-екстраваганза“ е простор во кој авторската музика добива нов живот преку импровизацијата. Композициите се почетна точка, но не и конечна дестинација. Како што вели Емин, нотниот запис е „мапа“, но вистинската авантура почнува кога ќе одлучат музичарите да скршнат од неа.

И затоа секој настап е различен.

– На 22 август ќе слушаме музика што ќе се случи само еднаш – во таа конкретна вечер, со таа конкретна публика, со нашата моментална енергија и со сите непредвидливи работи што може да се случат меѓу четворица музичари што се познаваат многу добро – вели Емин.

Публиката, според него, нема да биде само набљудувач. Таа станува дел од процесот – од атмосферата, од енергијата и од моментот во кој се создава музиката пред неа. Ако сè оди според планот? Можеби, тоа и не е целта.

– Ако сè помине според планот, тогаш, веројатно, сме имале премногу добар план. Јас сакам малку ризик.

По неколку години во кои ретко успеваат да се соберат сите четворица на едно место, овој концерт, за нив, е повторна средба и музички празник.

– Нашите музички средби се празник за нас, а верувам дека и публиката ќе го почувствува тој душевен празник – вели Шарески.

Со „Џез-екстраваганза“ нема само да отсвири концерт. Ќе создаде музика што ќе постои само во тој момент и потоа ќе исчезне, оставајќи го секој следен настап како ново, непредвидливо поглавје. Не очекувајте да го слушнете она што го очекувате.

ИЗДВОЕНИ