Скопје вечерва беше домаќин на мултимедијалниот културен настан „Уметноста ја крши тишината“, со кој беше одбележана 35-годишнината од независноста на Македонија. Платото пред Музејот на Македонија, во срцето на Старата скопска чаршија, се претвори во отворена сцена на која се сретнаа музиката, поезијата, визуелната уметност, перформансот и современата клубска култура.

Настанот започна со настапот на Игор Џамбазов, по што следуваше разновидна музичка програма во која настапија Весна Микиќ на харфа, Александра Илиева на саксофон, Јана Стојановска, Мишел Трајковски – „Скопје Виа“, Лаура Карлиу и „Нокаут“ со Никола Перевски.

Посебен акцент во програмата беше ставен на културната разновидност и поврзувањето на различните заедници. Лаура Карлиу пред публиката изведе песни на македонски и албански јазик, а свој настап имаа и Јана Стојановска и Мишел Трајковски.

Во рамки на вечерта беше поставена и изложба курирана од Антони Мазневски, на која беа претставени дела од Михаил Корубин, Калина Брајковска, Решад Ахмети, Игор Јосифов, Крсто Глигоријадес, Ангел Миов и Синиша Новески. Актерката Ана Стојановска, пак, настапи со рецитал, дополнувајќи ја мултимедијалната атмосфера на настанот.

По официјалниот дел, програмата продолжи со електронска и клубска музика. Пред публиката настапија Nino Fluder со Александра Илиева на саксофон, како и Ampov и Dimchuga од колективот Buru.

Вечерта ја заокружи грчката диџејка и радио водителка Myrophora од Солун, членка на NON collective, која со својот настап ја продолжи музичката атмосфера пред Музејот на Македонија.

Со „Уметноста ја крши тишината“, Скопје вечерва понуди поинаков начин на одбележување на Денот на независноста – преку современо творештво, културна разновидност и уметничка размена. Различните форми на уметност се обединија на една сцена, претворајќи го просторот во Старата скопска чаршија во место за средба на музиката, визуелната уметност, зборот и современата културна сцена.

ИЗДВОЕНИ