петок, септември 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА  „Чекор по чекор, долината ѝ ја враќаме на природата“

 „Чекор по чекор, долината ѝ ја враќаме на природата“

1

По години во кои цевководната инфраструктура беше дел од пејзажот на Лешничката Долина, конечно дојде денот што многумина го очекуваа – последната цевка е изнесена од Лешница. Од Националниот парк „Шар Планина“ информираат дека со тоа е завршено целосното отстранување на цевководната инфраструктура поврзана со планираните мали хидроелектрани „Пена 84“ и „Пена 85“.

– Денес можеме да кажеме – последната цевка е изнесена од Лешница – порачаа од Националниот парк.

Но, како што велат од „Шар Планина“, работата не завршила само со собирање на цевките што со години стоеле во долината. Биле откопани и оние што претходно биле закопани, па и тие биле целосно изнесени од заштитеното подрачје.

– Денес на трасата нема преостаната цевководна инфраструктура ниту над земја ниту под земја – соопштија од Националниот парк.

За љубителите на Шара и за луѓето кои со години реагираа на нарушувањето на природниот амбиент, ова е вест која, народски кажано, конечно носи малку чист воздух. Лешница е едно од највредните и најпрепознатливите природни подрачја на Шар Планина, па отстранувањето на цевките се гледа како важен чекор кон враќање на просторот во поприродна состојба.

Од Националниот парк нагласуваат дека станува збор за резултат на подолг институционален процес и координација со надлежните државни институции.

– Ова е значаен чекор кон враќање на Лешничката Долина во состојба што е можно поблиска до природната – велат од „Шар Планина“.

Лешница е дел од подрачјата со особена природна вредност, а според Националниот парк е опфатена и во идните Натура 2000 подрачја и во Емералд-мрежата. Оттаму посочуваат дека нејзината заштита е од исклучително значење.

Сега, сепак, следува потешкиот дел – обновата на просторот и конечното институционално затворање на проектите. Од „Шар Планина“ велат дека отстранувањето на цевките е само еден чекор.

– Цевките се изнесени. Следува обновата на просторот и конечното институционално затворање на проектите – порачаа од Националниот парк.

А по сето она што се случуваше со Лешница, пораката од Националниот парк е едноставна:

– Чекор по чекор, Лешница ѝ ја враќаме на природата – велат од Националниот парк.

 

ИЗДВОЕНИ