четврток, октомври 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Бугарија нема нови услови за Македонија, бара временска рамка за исполнување на...

Бугарија нема нови услови за Македонија, бара временска рамка за исполнување на обврските од 2022 година

40

Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, но условите за нејзиниот напредок остануваат непроменети од 2022 година, изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова по билатералната средба со нејзиниот македонски колега Тимчо Муцунски во Софија.

 -Одржавме конструктивна билатерална средба со министерот Муцунски. Средбата беше побарана од страна на Република Северна Македонија и јас ја прифатив. Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, при што условите за неа остануваат непроменети од 2022 година. Очекуваме да бидат исполнети и уставните измени, како и сите останати елементи од договорениот консензус, нагласи Петрова.

Таа соопшти дека од Муцунски побарала да ја претстави позицијата на Скопје во однос на роковите во кои ќе бидат исполнети преземените обврски.

 -Од нивна страна ставот е дека треба да се изгради чувство на доверба. За мене, основниот начин за да изградиме доверба е исполнувањето на обврските. Се надевам дека ќе видиме позитивни чекори во оваа насока, изјави министерката за надворешни работи.

Петрова истакна дека останатите држави од Западен Балкан, вклучително и Албанија и Црна Гора, покажуваат политичка волја за напредок на својот европски пат.

 -Се надевам дека тоа ќе се случи и со Северна Македонија, додаде таа.

Бугарската шефица на дипломатијата беше категорична дека Софија не поставува дополнителни услови за земјава.

 -Ние немаме други очекувања освен оние што се запишани во 2022 година и очекуваме тие да бидат исполнети. Најдобрата гаранција е исполнувањето, нагласи Петрова и додаде декапроцесот на пристапување кон ЕУ се заснова на јасно утврдени правила и критериуми, а одлуките ги носат земјите членки согласно договорената преговарачка рамка.

 -Ниту една земја членка не може да ѝ даде гаранции на земја кандидат за продолжувањето на процесот. Она што може да го даде е политичка подготвеност да се придржува кон преземените обврски. Бугарија ја покажа таа подготвеност, ја пренесе БГНЕС изјавата на Петрова-Чамова.

За време на средбата, Петрова го отворила и прашањето за лекувањето на Ива Михајлова.

 -За нас беше позитивна вест подготвеноста на Северна Македонија да прифати наши лекари. Важно е тоа да доведе до што е можно побрзо лекување. Ова е хуманитарен случај и треба да го разгледуваме токму од таа перспектива, нагласи таа.

Министерката појасни дека сè уште нема конкретни рокови и дека се работи со медицинските тимови за спроведување на потребните испитувања.

ИЗДВОЕНИ