Повеќе од 58.000 сообраќајни прекршоци регистрирал системот „Безбеден град“ на подрачјето на СВР Скопје за неполни пет месеци, додека на ниво на целата држава, за време на првите четири месеци од неговата примена се издадени преку 11.000 казни за брзо возење. Бројките покажуваат дека системот станува еден од главните механизми за санкционирање на несовесните возачи, а од МВР велат дека сите камери на „Безбеден град“ се во функција, односно снимаат сообраќајни прекршоци.
Според податоците што ги добивме од МВР, во периодот од 2 февруари до 22 јуни 2026 година, системот „Безбеден град“ на подрачјето на СВР Скопје регистрирал 58.279 прекршоци. Од нив, убедливо најголем дел, дури 54.160 – се за брзо возење. Следуваат 3.028 прекршоци за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола, како и 1.091 прекршок за минување на црвено светло. Во статистиката нема регистрирани прекршоци на 1 февруари, 16 март и 14 јуни, што е наведено и во официјалните податоци.
Од друга страна, за периодот од февруари до мај годинава, на територијата на целата држава полициските службеници издале 11.255 прекршочни платни налози за брзо возење, 301 за возење без возачка дозвола и 92 за минување на црвено светло.
Според актуелниот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, казните за брзо возење зависат од тоа колку е пречекорена дозволената брзина и се движат од 15 до 300 евра, а во потешките случаи се изрекува и забрана за управување со моторно возило. За возење без возачка дозвола и за минување на црвено светло е предвидена глоба од 250 евра.
Па така, само врз основа на 301 санкција за возење без возачка дозвола и 92 санкции за минување на црвено светло, пресметките покажуваат дека во буџетот потенцијално се слеваат 98.250 евра, под услов сите казни да бидат наплатени. Колкав е приходот од казните за брзо возење не може прецизно да се пресмета бидејќи нивниот износ зависи од тежината на прекршокот.
И покрај тоа што МВР редовно објавува статистика за бројот на регистрирани прекршоци, нема податок колку камери се инсталирани и колку од нив моментално се активни во системот „Безбеден град“. Во јавноста претходно се споменуваше бројка од околу 4.000 камери, но таа никогаш не беше официјално потврдена како број на поставени или функционални уреди.
Надлежните, пак, постојано нагласуваат дека целта на „Безбеден град“ не е полнење на буџетот, туку намалување на бројот на сообраќајни несреќи и зголемување на безбедноста на патиштата. Сепак, статистиката покажува дека брзото возење останува убедливо најчестиот прекршок, што упатува дека голем дел од возачите сè уште не ги менуваат навиките, и покрај автоматската контрола и високите парични казни.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека првичните резултати од функционирањето на системот веќе се одразуваат врз безбедноста на патиштата. Според него, во првите пет месеци од примената на „Безбеден град“ бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за 40 проценти, односно 34 лица го загубиле животот, наспроти 55 во истиот период минатата година. Во истиот период, до 22 јуни, преку системот биле регистрирани над 130.000 сообраќајни прекршоци, од кои повеќе од 95 проценти се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина. Тој најави дека на граничниот премин Табановце ќе биде поставен пункт за наплата на казните од возилата со странски регистарски таблички. Дотогаш, странците што возат брзо по македонските автопати, ќе бидат казнувани само од полициските службеници „пресретнувачи“, кои според МВР се во континуитет присутни на коридорите 8 и 10. (П. А.)












