Предложените измени во законите за урбанистичко планирање и градење и понатаму предизвикуваат реакции во политичката јавност. Од зелената партија ДОМ бараат итно повлекување на законските измени, оценувајќи дека тие овозможуваат забрзани процедури за изградба на дата-центри без доволна транспарентност и учество на јавноста. Оттаму предупредуваат дека ваквите решенија можат да имаат сериозни последици врз животната средина, водните ресурси и енергетскиот систем
Предложените измени на Законот за урбанистичко планирање и на Законот за градење и натаму предизвикуваат партиски реакции. Од зелената партија ДОМ бараат итно повлекување на предложените законски измени оценувајќи дека со нив се отвора можност за забрзана и нетранспарентна изградба на дата-центри, без соодветно учество на јавноста и без детална анализа на влијанието врз животната средина.
Од партијата велат дека технолошкиот развој и дигитализацијата не смеат да бидат оправдување за, како што наведуваат, нарушување на урбанистичките процедури, ограничување на правата на граѓаните и загрозување на природните ресурси. ДОМ остро реагира на фактот што законските измени веќе го поминале првиот собраниски филтер, оценувајќи дека тие се подготвени во корист на потенцијалните инвеститори во дата-центри.
– Апсолутно е недозволиво зад затворени врати да се воведуваат нови исклучоци и скратени рокови во законите. Под изговор дека станува збор за инфраструктура за дигитални податоци, се воведуваат решенија кои практично ја исклучуваат јавноста и локалното население од процесот на одлучување – наведуваат од партијата.
Според нив, особено спорни се одредбите што се однесуваат на роковите за јавна консултација. ДОМ предупредува дека предложеното решение за објавување на јавниот повик најмногу пет дена пред одржувањето на јавната презентација остава простор за злоупотреби и дополнително ограничување на можноста граѓаните навремено да се информираат и да достават забелешки.
Оттаму реагираат и на предвиденото времетраење на јавната презентација од најмногу десет дена, оценувајќи дека станува збор за премногу краток рок ако се има предвид обемот и потенцијалното влијание на ваквите инфраструктурни проекти. Дополнително, од ДОМ сметаат дека со класифицирањето на дата-центрите како градби од прва категорија, одлучувањето целосно се централизира, а општините и локалното население се исклучуваат од процесите што директно ги засегаат.
Во реакцијата, партијата предупредува и на можните последици од изградбата на дата-центри. Според нив, ваквите капацитети имаат исклучително висока потрошувачка на вода поради потребата од постојано ладење на серверските системи.
– Во услови на сè почести сушни периоди и проблеми со водоснабдувањето во дел од населените места, недозволиво е огромно количество пивка вода да се користи за потребите на приватни дата-центри – наведуваат од ДОМ.
Како дополнителен ризик ја посочуваат и високата потрошувачка на електрична енергија, оценувајќи дека ваквите објекти би можеле да извршат сериозен притисок врз електроенергетската мрежа и да предизвикаат дополнителни трошоци за граѓаните. Од партијата ја доведуваат во прашање и економската оправданост на проектите, наведувајќи дека дата-центрите се високо автоматизирани системи кои по завршувањето на изградбата обезбедуваат релативно мал број работни места.
Од ДОМ бараат широка јавна дебата во која ќе бидат вклучени експерти, граѓански организации, локални самоуправи и засегнатата јавност и потенцираат дека евентуалната изградба на ваков тип објекти мора да биде проследена со јасни критериуми и темелна проценка на влијанието врз животната средина, водните ресурси и енергетскиот систем.












