Турската полиција приведе 83 лица, блокираше 940 сметки на социјалните мрежи и затвори 93 групи на апликацијата за пораки „Телеграм“ поради објави што негативно влијаат врз општеството и ги величаат криминалот и криминалецот. Мерките беа преземени како дел од истрагите за пукањата во училиштата во Кахраманмараш и во Шанлиурфа, соопшти полицијата на својата официјална фејсбук-страница.
Девет лица беа убиени, а тринаесет повредени откако 14-годишен ученик во средата пукаше во училиште во Кахраманмараш. Според полициското соопштение, тој на својот ватсап-профил имал слика на Елиот Роџер, кој изврши напад во САД, во 2014 година. Еден ден претходно, 19-годишен поранешен ученик во училиште во Шанлиурфа пукаше во училиштето, ранувајќи 16 лица.
Полицијата појасни дека се извршени блокади на социјалните мрежи за да се отстранат провокативните содржини за пукањето во Кахраманмараш. Исто така, почната е истрага за објави на „Телеграм“ и е затворена група на тој канал со над 100.000 члена, во која се дистрибуирале снимки поврзани со пукањето.












