Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руските сили, под превзсот на хуманитарна операција, донеле дополнителни војници и воена опрема во Олешки и околните области на левиот брег на реката Днепар.
Зеленски го изјави ова по средбата со раководителите на регионалните управи, пренесува „Укринформ“.
„За жал, под превесот на хуманитарна операција во Олешки, руската војска изврши значителна ротација на персонал и опрема на левиот брег на Днепар. Дополнителни окупаторски сили се донесени во Олешки и околината“, рече Зеленски.
Тој ѝ наложи на командата на Вооружените сили на Украина да подготви предлози за зајакнување на заштитата на Херсон од руските напади.
Зеленски истакна дека Вооружените сили на Украина имаат конкретни задачи во регионот Суми, насочени кон спротивставување на руските операции, и изрази благодарност до сите служби, комунални претпријатија, енергетски компании и регионалниот огранок на Државната служба за вонредни состојби за нивните напори.
На средбата, исто така, се разговараше за ситуацијата во регионот Суми – вклучувајќи ги градовите Суми, Охтирка и Шостка – како и за планот за отпорност и подготовките на критичната инфраструктура во регионот Харков пред почетокот на зимската сезона.
Понатаму, се разговараше за обновувањето на снабдувањето со електрична енергија по денешните руски напади врз регионот Днепропетровск, како и за состојбата во регионот Житомир и предизвиците со кои се соочува енергетскиот систем, вклучувајќи ги капацитетите за дистрибуција и пренос на електрична енергија. Зеленски слушна извештаи за ситуацијата во Запорожје и потребите на тој регион, како и за состојбата во регионот Доњецк – конкретно во Краматорск, каде што, според него, руските сили значително ги засилиле нападите врз градот и неговата околина.
„На состанокот на Генералштабот ќе утврдиме контрамерки. На ниво на владата, и во координација со Кабинетот на претседателот, дефинирани се задачи и за другите региони“, рече Зеленски.
Тој додаде дека вакви регионални состаноци во иднина ќе се одржуваат еднаш неделно, нагласувајќи ја потребата од добивање точни и навремени информации директно од теренот.












