четврток, октомври 29, 2026
Дома БАЛКАН Брод погоден од дронови крај бугарскиот брег

Брод погоден од дронови крај бугарскиот брег

1

Брод за транспорт на контејнери, кој во средата беше погоден од три поморски дрона источно од ’ртот Калиакра во Бугарија, потона околу полноќ, соопшти Регионалната управа на Варна. Оваа информација ја потврдија Управата за контрола на сообраќајот и Извршната агенција „Поморска администрација“ на Бугарија, пренесува БТА.

Бродот, кој превезувал товар што вклучувал литиум-јонски батерии, бил погоден на приближно 21 наутичка милја југоисточно од Шабла. Сите 18 членови на екипажот се спасени и пренесени во Варна.

Тимови од Министерството за одбрана зедоа примероци од две локации во бугарските територијални води и известија дека нема видливи траги од загадување. Ова е петти напад со дронови во исклучителната економска зона на Бугарија од почетокот на октомври.

Во четврток, тимови од Дирекцијата за басенот на Црното Море и Извршната агенција за животна средина ќе земат примероци од морската вода на пет крајбрежни локации во близина на Дуранкулак, Шабла, ’ртот Калиакра, Бјала и Созопол, соопшти Министерството за животна средина и води.

Примероците од морската вода ќе бидат тестирани за присуство на нафтени деривати, полихлорирани бифенили (ПХБ) и метали, како и за други физичко-хемиски показатели за квалитетот на водата.

Примероците ќе бидат анализирани во регионалните лаборатории на Извршната агенција за животна средина во Варна и Бургас.

Планирано е земање примероци и од областа околу бродот, а резултатите ќе бидат анализирани во регионалните лаборатории на Агенцијата. Целта е да се утврди не само дали има загадување, туку и дали настанале промени во квалитетот на морската вода што не можат да се откријат само со визуелна проверка.

Министерството за животна средина и води, заедно со надлежните органи, продолжува со инспекциите и мониторингот. Резултатите ќе бидат јавно објавени, додадоа од Министерството.

ИЗДВОЕНИ