Британските дипломати не веруваат дека Иран има волја или капацитет да продолжи со војната ако американскиот претседател Доналд Трамп прогласи еднострано прекин на огнот во блиска иднина, со оглед на тоа што воените цели на САД се исполнети.
Се тврди дека, судејќи според изјавите од Белата куќа, САД нема да се обидат да ги таргетираат или заземат иранските објекти со залихи на високо збогатен ураниум, туку ќе се задоволат со истакнување на штетата што им ја предизвикале на иранските државни институции и на нивната програма за балистички ракети, објавува лондонски „Гардијан“. Официјалните лица ги сметаат иранските тврдења дека нема да прифатат прекин на огнот за фалење и истакнуваат дека Иран прифатил прекин на огнот на крајот од 12-дневната војна во јуни минатата година, објавува „Танјуг“.
Дипломатите исто така не очекуваат земјите од Заливот да го променат својот став за прекин на војната, но нагласуваат дека штетата врз односите меѓу земјите од Заливот и Иран ќе биде долгорочна.












