Во пукање што се случи во неделата вечерта во градот Исла Кристина во јужна Шпанија убиени се три лица, а четвртото е во критична состојба. Меѓу жртвите се бремена жена, нејзиниот син и нејзината мајка. Напаѓачот избегал по нападот, објавува „Еуроњуз“.
Според локалните медиуми, маж возел мотор до семеен дом во областа Росио, отворил оган врз членовите на семејството и избегал. Телата на тројцата убиени биле пронајдени на улица, додека четвртото лице е однесено во болница со сериозни повреди.
Истрагата е фокусирана на семејна одмазда
Истражителите го поврзуваат случајот со конфликт меѓу две семејства што започнал во септември минатата година, кога еден маж бил убиен во Хуелва. Трите жртви од пукањето во недела се поврзани со осомничениот за убиството. Тие се неговата сестра, мајка и внук.
Двете семејства оттогаш имале неколку насилни конфликти, а едно пукање веќе е регистрирано во истата област на Исла Кристина. Затоа, главната претпоставка на полицијата е дека нападот бил чин на одмазда за убиството.
Цивилната гарда и локалната полиција спроведуваат голема потрага во пошироката област за напаѓачот, кој е сè уште во бегство. На терен се распоредени силни полициски сили и истрагата е во тек.












