Легендарниот бразилски тренер, Карлос Алберто Пареира, е хоспитализиран во Рио де Жанеиро откако лекарите констатирале влошување на неговата здравствена состојба поврзана со рак на лимфниот систем.
Осумдесет и тригодишниот стратег со години се бори со Хочкинов лимфом, болест што во еден период била ставена под контрола, но подоцна повторно се појавила. Од болницата засега не откриваат повеќе детали за неговата состојба, а бразилската спортска јавност со загриженост ги следи новостите.
Пареира е едно од најголемите тренерски имиња во историјата на бразилскиот фудбал. Најголемиот успех во кариерата го постигна во 1994 година, кога ја предводеше бразилската репрезентација до светската титула на Мундијалот во САД. Под негово водство „кариоките“ подоцна, во 2004 година, го освоија и Копа Америка, како и Купот на конфедерациите во 2005 година.
Неговото име е запишано со златни букви во историјата на светските првенства, бидејќи е еден од ретките тренери што воделе повеќе репрезентации на најголемата фудбалска сцена. Покрај Бразил, тој беше селектор и на Кувајт, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и на Јужна Африка.
Врската на Пареира со бразилската репрезентација почна уште во 1970 година, кога беше дел од стручниот штаб на легендарната генерација предводена од Пеле, која го освои Светското првенство во Мексико.
Со богата кариера исполнета со трофеи и историски достигнувања, Пареира останува една од највлијателните личности во светскиот фудбал, а навивачите во светот се надеваат на позитивни вести за неговото здравје, во наредниот период.











