петок, јуни 5, 2026
Дома МАГАЗИН Болеста го прави своето: музичките ѕвезди Селин Дион и Тереза Кесовија (ќе)...

Болеста го прави своето: музичките ѕвезди Селин Дион и Тереза Кесовија (ќе) се збогуваат со музиката!

383

И покрај болестите со кои живеат, познатите светски музички икони, канадската пејачка Селин Дион (Celine Dion) и поранешната југословенска музичка ѕвезда, Тереза Кесовија, повторно ќе настапат во живо пред своите обожаватели. Велат, за последен пат! Селин, најнапред во Париз, ја разнежни публиката со новата француска песна „Dansons“ (Да танцуваме), испраќајќи силна порака за храброст, љубов, истрајност и надеж.

Таа се соочува со ретката дијагноза на Синдром на мускулна вкочанетост (невролошка болест). Низ оваа песна, Дион е посилна, поемотивна и поинспиративна од кога било.

И, Тереза Кесовија има нова француска песна, „L’ amour est une chanson“ (Љубовта е песна), во земјата на шансоната, во која повеќе од 25 години остана  на врвот на популарноста. Од она време од кога на „Песна на Евровизија“ го претставуваше Кнежеството Монако. А, во самиот Париз, подоцна и во светот, со легендарниот хит „La chanson de Lara“ (Песната на Лара) направи вистински музички бум!

Сепак, не можејќи веќе да се бори со постојаните болки во колената, поради што тешко се движи, и тоа, само со помош на бастунот, Тереза официјално најави проштален концерт за 3. мај на просторот на Стариот фудбалски стадион во Сплит, Далмација, пред повеќе од 15 илјади луѓе. Тоа ќе биде, како што велат организаторите, вистинско емотивно збогување на легендарната Кесовија со успешната кариера, оставајќи им на идните генерации преку илјада снимени песни.

И многу фестивалски победи, неброен број концерти од Вардар до Триглав, триесетина големи ЛП плочи на седум светски јазици и еден куп вистински хитови. Меѓу нив се вбројува и обработката на македонската народна песна „Ајде, слушај, слушај Калеш бре, Анѓо“ со нашите браќа Тавитијан.

Песната „Dansons“ на Селин Дион доаѓа како сингл по албумот „Courage“, а претставува вистински уметнички израз исполнет со надеж за подобро утре, на кое пејачката се надева бидејќи сè потешко ги поднесува болките. Песната со Селин поканува на танц, некој вид отпор кон тие болки и животните предизвици. Симболично, ја отсликува нејзината желба за живот. Особено емотивен момент е фактот што ова музичко враќање доаѓа пред најавениот концерт во Париз. Селин планира повторно да застане на сцената и да ја сподели својата животна приказна преку музиката.

Меѓутоа, многумина уште отсега се прашуваат дали и на Селин Дион, како и на Тереза, ова ќе ѝ биде проштален концерт? Останува да бидеме трпеливи и да видиме дали и двете пејачки ѕвезди со успешни кариери и во Франција, навистина ќе си заминат од сцената. Во тој случај, тоа би бил голем минус и за музиката и за публиката.

(Д. М.) фото:архива

ИЗДВОЕНИ