Професионалниот боксер Кишон Портер (23) е уапсен и обвинет за убиство откако починал двегодишниот син на неговата девојка, од тешки повреди, во Меса, Аризона. Итната помош била повикана во станот откако било пронајдено детето во критична состојба, по што веднаш било пренесено во болница. И покрај напорите на лекарите, момчето им подлегнало на повредите.
Медицинскиот персонал веднаш забележал повеќе сомнителни модринки и повреди на телото на детето и ја известил полицијата за случајот. Така почнала истрагата, а на првичното судско рочиште обвинителството изнело сериозни тврдења против Портер. Според обвинителот, боксерот наводно повеќепати го удирал детето со тупаници и со папуча.
Форензичките наоди дополнително ја продлабочиле истрагата. Аутопсијата покажала дека детето имало и зараснати скршеници на ребрата, што, според истражителите, може да укажува на претходни физички повреди и на подолготрајно малтретирање. Поради тоа, обвинителството истражува дали станувало збор за подолг период на насилство, а не само за еден изолиран инцидент.
Случајот добил уште посериозна димензија откако откриле истражителите наводи дека тој физички го малтретирал и својот едногодишен син. Според обвинителството, тој наводно го удирал детето по устата, како и по телото и по градите. Дополнително било откриено дека Портер има досие од малолетничките години, вклучително и пресуди поврзани со малтретирање деца и тежок напад.
Истражителите најавија дека би можеле да бидат поднесени и дополнителни обвиненија против 23-годишниот боксер. Во меѓувреме, судијата му одреди кауција од 1,5 милиони долари, која мора да биде платена исклучиво во готовина. Случајот продолжува да се истражува, а Портер ќе треба да одговара пред суд за тешките обвиненија со кои се соочува.











