Иран почна да им наплаќа на некои комерцијални бродови надомест за безбедно поминување низ Ормускиот теснец, објави новинската агенција „Блумберг“.
Неколку неименувани извори изјавија за Блумберг дека Иран бара до 2 милиони долари по премин на ад хок основа, што во пракса претставува неформална такса.
Тие додадоа дека некои бродови ја платиле таксата, но не можеа да кажат како се врши плаќањето или која валута се користи.
Извори на „Блумберг“ проценуваат дека наплатата не се врши систематски.
Амбасадата на Иран во Индија негира дека се наплаќа за поминување низ теснецот.
„Како одговор на одредени обвинувања во врска со наводното примање на 2 милиони долари од страна на Исламската Република Иран од бродови што транзитираат низ Ормускиот теснец, се нагласува дека ваквите обвинувања се неосновани. Изјавите дадени во овој поглед ги одразуваат само личните ставови на поединците и во никој случај не го претставуваат официјалниот став на Исламската Република Иран“, соопшти амбасадата на социјалната мрежа „Икс“.
Околу 20 проценти од светската нафта и гас поминуваат низ Ормуз, како и големи количини на други стоки, а глобалните пазари внимателно ја следат секоја промена на контролата, пренесе „Бета“.












