Државниот секретар Марко Рубио изјави дека најтешките удари на американската армија допрва следуваат и дека се подготвуваат и копнени трупи, иако се верува дека може да се постигне целта и без нив. Во интервју за Си-ен-ен, и претседателот Доналд Трамп рече дека американската војска го разурнува Иран, но дека најголемиот удар допрва следува. Европските земји добија предупредување од иранското Министерство за надворешни работи да не учествуваат во американско-израелската кампања против Исламска Република, зашто тоа „би било чин на војна“. Си-ен-ен нотира дека американската администрација го менува образложението за нападот на Иран од промена на режимот и „слобода за Иранците“, преку одмазда за американските жртви од иранските напади, до превентивни дејства за да се заштитат американските трупи и Израел
Конфликтот на Блискиот Исток ескалира и се стравува дека ќе биде полошо по вчерашниот повик на американското Министерство за надворешни работи американските граѓани да напуштат 15 земји од регионот поради американско-израелските напади на Иран и иранската одмазда.
Државниот секретар Марко Рубио изјави дека најтешките удари на американската армија допрва следуваат и дека се подготвуваат и копнени трупи, иако се верува дека може да се постигне целта и без нив. Во интервју за Си-ен-ен, и претседателот Доналд Трамп рече дека американската војска го разурнува Иран, но дека најголемиот удар допрва следува.
Главниот град на Иран, Техеран, и понатаму е под континуирани израелски напади. Додека Израел тврди дека со значајна сила ги напаѓа режимските цели, Би-би-си објави дека е погоден секој дел од престолнината.
– Ова е систематски напад не само врз армијата туку и врз цивилите – тврди за светскиот сервис на Би-би-си новинарот Мохамед Хатиби.
Нуклеарното надзорно тело на ОН потврди дека е оштетен ирански објект за збогатување ураниум во нападите меѓу САД и Израел. Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека сателитските снимки покажуваат дека се оштетени влезните згради во подземниот објект „Натанц“, но наведува дека „не се очекуваат радиолошки последици“ по инцидентот.
Иран во вторникот, четвртиот ден од нападите, продолжи да им возвраќа на сојузниците на Вашингтон и да ги напаѓа американските бази низ Заливот. Гласна експлозија и пламен се слушнале во американската амбасада во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, рано изутрината во вторникот, соопштија три извори запознаени со ситуацијата, а едно лице изјави дека пожарот бил мал. Иранските сили, кои ги имаат како цел американските бази и воени бродови низ регионот, извршија ракетни и беспилотни напади врз американските поморски средства, вклучувајќи го и воениот штаб во Бахреин, објави „Тасним“. Овие напади го принудија американскиот носач на авиони „УСС Абрахам Линколн“ да се повлече од иранските крајбрежни води. Според портпаролот на ИРГЦ и бригаден генерал, Али Мохамад Наини, иранските сили им нанеле големи загуби на американските воени објекти во Персискиот Залив.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека по 10 часа затишје, во вторникот било регистрирано ново лансирање балистички ракети од Иран. Продолжуваат и израелските напади на Бејрут, каде што се уништуваат упоришта на Хезболах. Властите во емиратот Фуџаира во Обединетите Арапски Емирати интервенирале откако избувнал пожар во нафтената индустриска зона. Пожарот настанал од остатоци што паднале врз областа, во текот на пресретнување ирански дрон.
Според иранската Црвена полумесечина, за четири дена војна бројот на жртви во Иран се искачил на 787. Според портпаролот на ИРГЦ и бригаден генерал, Али Мохамад Наини, иранските сили им нанеле големи загуби на американските воени објекти во Персискиот Залив, а во текот на одмаздничката операција „Искрено ветување 4“ на Иран, убиени се 650 војници. Според информациите од американската администрација, во конфликтот се убиени само четворица војници.
Европските земји добија предупредување од иранското Министерство за надворешни работи да не учествуваат во американско-израелската кампања против Исламска Република, зашто тоа „би било чин на војна“. Германија, Франција и Велика Британија во неделата соопштија дека би можеле да преземат „пропорционална одбранбена акција за уништување на способноста на Иран да истрелува ракети и дронови“.
Дали е војна ова, не може да се договорат ниту оние што први почнаа. Додека Трамп во неколку наврати споменува војна, членови на неговиот тим велат дека не е, меѓу другото и затоа што не била објавена. А во анализа на Си-ен-ен се забележува дека американската администрација го менува образложението за нападот на Иран од промена на режимот и „слобода за Иранците“, преку одмазда за американските жртви од иранските напади, до превентивни дејства за да се заштитат американските трупи и Израел. Конфликтот веќе предизвика масовна евакуација, ракетни напади на Хезболах и напади врз американските сојузници во регионот, а аналитичарите посочуваат на три можни сценарија како би завршил. За најоптимистично се смета тоа дека со нападите ќе се ослаби режимот доволно за да се предизвика масовно народно востание, по што новиот Иран би можел да го трансформира целиот Блиски Исток, намалувајќи ја поддршката за милитантните групи, нормализирајќи ги односите со Западот и запирајќи ги нуклеарните амбиции. Според повеќето аналитичари, најреално би било сценариото според кое преживеаните ирански лидери би изградиле нов, ослабен режим, а американската операција, сепак, би успеала да ги уништи нуклеарната програма, балистичките ракети, морнарицата и поголемиот дел од воените капацитети што го прават Иран регионална закана. Најлошото сценарио би било во Иран да се повтори судбината на Либија по падот на Гадафи, односно вакуумот во власта да доведе до фракциски конфликти или до целосна граѓанска војна.
Нова анкета на Си-ен-ен покажува дека речиси 60 проценти од Американците не одобруваат воена акција.












