Младинската екипа на Еурофарм Пелистер продолжува да ја воодушевува ракометна Европа, откако избори драматична и голема победа над дански Алборг со 24:23 во полуфиналето од квалификацискиот турнир за пласман на Фајнл-фор во младинската Лига на шампиони, кој се одржува во Пореч, Хрватска.
Битолските таленти одиграа натпревар за паметење, исполнет со пресврти, борба и карактер. По минималното водство на полувреме (12:11), „пелистерци“ блеснаа во вториот дел и во еден момент стигнаа до убедливи +5 (20:15). Сепак, скандинавскиот тим не се предаде и во драматичната завршница се врати на само еден гол негатива, па дури имаше и последен напад за израмнување. Но, македонската одбрана издржа, а обидот на Данците заврши без реализација.

Апсолутен херој на натпреварот беше младиот Андреј Георгиев, кој одигра фантастична партија и постигна дури 12 голови – половина од вкупниот учинок на својот тим. Особено импресивен беше неговиот настап во првото полувреме, кога реализираше 10 пати и практично сам го одржуваше Пелистер во водство.
Голем придонес за триумфот имаше и голманот Јован Мацанковски, кој со 13 одбрани, меѓу кои и три одбранети седмерци во клучни моменти, сосема заслужено беше прогласен за најкорисен играч на средбата. Своја улога во победата имаше и Јован Симоновски со пет постигнати погодоци.

Со оваа победа, младите ракометари на Пелистер се на чекор до повторување на ланскиот успех и нов пласман на завршниот турнир во Келн. Сепак, за да стигнат до европската елита, ќе мора да го минат и последниот, најтежок предизвик – германскиот гигант Фуксе Берлин.
Берлинскиот тим во полуфиналето демонстрираше моќ, убедливо совладувајќи го Загреб со високи 50:29. Предводени од искусниот Боб Ханинг, Германците важат за фаворити, но битолчани веќе покажаа дека не се плашат од големи имиња.
Финалниот натпревар е закажан за 31 март од 16:30 часот во салата „Жатика“ во Пореч. Пред младите „пелистерци“ стои тешка задача, но и огромна можност – да испишат нова страница во историјата на македонскиот ракомет.












