БЕЗБЕДНОСТА ВО СООБРАЌАЈОТ И НАТАМУ НЕСИГУРНА: Пијани возачи лумпуваат по патиштата – кога ќе засвири законски „фајронт“?!

1001

Откривањето на бројни пијани возачи со многу промили алкохол во крвта речиси стана секојдневие на македонските сообраќајници. Нема ден а да сообраќајните билтени на полицијата не содржат по десетици возачи кои го прават овој груб и голем сообраќаен прекршок. При ова, откриените промили во организмите на несовесните возачи покажуваат се поголеми и поголеми нивоа наспроти максимално дозволените 0,50 промили алкохолот во крвта.

Вчера, на пример, МВР соопшти дека на подрачјето на Македонија во првите три дена од овој месец биле откриени дури 85 пијани возачи. Претходно, полициските билтени покажуваа уште попоразителни случаи на алкохолизирани возачи. Пред неколку дена еден 49-годишен жител на демирхисарското село Обедник бил лишен од слобода.

– Ова лице возело „ауди”, а по преземени мерки констатирано е дека бил под дејство на алкохол, односно измерени му се 3,43 промили алкохол во крвта – соопшти полицијата на 29 јуни.

Неколку дена пред овој случај во Штип било приведено лице кое зад воланот управувало со возилото „опел“ под дејството на алкохол. Проверката со алко-тестот брзо покажала дека има недозволени 2,10 промили и по што веднаш бил исклучен од сообраќајот и задржан во полициска станица. Против него била и поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“. Во ресенско, пак, бил откриен возач кој возел по патот за Битола под дејство на 1,89 промили алкохол во крвта, во Пробиштипско, друг возач имал 1,55 промили, во Македонски Брод имаше случај со 2,82 промили…

-Возењето под дејство на алкохол поприма загрижувачки размери на наши патишта. Овој груб сообраќаен прекршок е трета причина за сообраќајните несреќи што се случуваат по пребрзото и неприспособено возење и непочитување на сообраќајните правила и прописи. Ние постојано апелираме да не се пие кога се вози, полицијата постојано изрекува казни, но… – вели Дејан Андоновиќ, портпарол на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.

Според важечките прописи глоба од 225 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возач кој има алкохол во крвта од 0,51 до 1 промил како и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од три до шест месеци. Ако возачот има алкохол во крвта меѓу 1, 51 и 2 промила казната е 275 евра и забрана од шест до девет месеци. Најголема глоба од 375 евра се плаќа ако му се откријат 2,1 промил и повеќе, а со што следи и едногодишна забрана за возење.

Бројноста на пијаните возачи и на опасностите што тие ги предизвикуваат беше и причина што во неодамнешните јавни расправи за промени во казнената политика за сообраќајни прекршоци, беше побарано да се намали дозволената граница на алкохолот во крвта. Универзитетски професор на Факултетот за безбедност и член на работната група Никола Дујовски тогаш предложил границата да се намали на 0,2 промили како преодно решение до целосна забрана.

-Во некои европски земји е 0,3 промили, во некои 0,2, а има и со 0,00 промили. Во 21 европска земја, меѓу кои Македонија, границата е поставена на 0,5 промили Кај нас ова граница треба да се намали на 0,2 промили за да ја спречиме калкулацијата на возачите дали 0,5 е една или две чашки алкохол. Тоа да биде преодно решение до целосна забрана на алкохолот. Возењето под дејство на алкохолот е посебно опасно. Алкохолот дава лажно чувство дека можете добро и брзо да возите, а всушност, вашиот организам бавно реагира. Но, мојата заложба за намалување на алкохолната граница сега не беше прифатена. Се надевам дека тоа ќе се стори во иднина кога ќе мора да се соочиме со она што ни е реалност на патиштата – потенцира Дујовски.

Во предлозите за промени во законските решенија единствено што било прифатено е тоа што веќе нема да постои дозволена граница за алкохол во крвта кај професионални возачи, инструктори и возачи почетници. Односно, за овие  категории на возачи границата е 0 промили за разлика од досегашните 0,09 промили. Така, останува да се види дали следните полициски билтени и бројот на сообраќајните прекршоци, но и тешките последици од пијанствата на возачите, ќе ги натераат надлежните да посегнат по заострувањето на законската регулатива која сега не доживеа промена. (Б.Ѓ.)

И дрогата сè поголем проблем

Експертот Никола Дујовски предупредува дека освен алкохолот во сообраќајот се поголем проблем станува употребата на дроги од страна на возачите.

-Таква опасност покажуваат контролите на полицијата, посебно кога станува збор за употребата на кокаинот и на други дроги. Полицијата треба сè повеќе да се опремува и за таков вид на проверки, по примерот на оние за алкохол – потенцира Дујовски.

 

ИЗДВОЕНИ