Во соработка со Македонската радио-телевизија, Општина Кисела Вода организира бесплатна проекција на македонскиот филм „Викенд на мртовци“, во режија на Коле Ангеловски.
Проекцијата ќе се одржи утре, во новото кино „Киноверзум“ во Драчево, со почеток во 19:00 часот.
– Влезот за сите посетители е бесплатен, но поради ограничениот капацитет, задолжителна е претходна резервација на билети. Граѓаните може да резервираат место на следните телефонски броеви: 075/380-928 (Даниела) и 071/804-474 (Верица) – соопштија од Општина Кисела Вода.
Овој настан е дел од иницијативата на Општина Кисела Вода за зајакнување на културната понуда во овој дел од градот, со фокус на презентацијата на значајни остварувања од домашната кинематографија.
– Преку прикажување етаблирани македонски филмови, Општина Кисела Вода овозможува поголема достапност на националното филмско наследство за сите граѓани – потенцираат од локалната самоуправа.












