Рускиот претседател Владимир Путин ја тестираше политичката зрелост на Европската Унија кога го предложи поранешниот германски канцелар Герхард Шредер за преговарач за дијалогот на Москва со Европа, изјави денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
– Претседателот Путин ја тестираше политичката зрелост и чувствителност на Европејците, би рекол, кога, како одговор на прашање на прес-конференција на 9 мај, рече дека поранешниот германски канцелар може да ги претставува Европејците во преговорите со Русија – изјави Лавров за новинарите.
Тој истакна дека, по изјавата на рускиот претседател, во Европа се појави возбуда, но дека некои земји, како што е Германија, не ја исклучија таа можност.
– Дискусијата што следеше по одговорот на нашиот претседател беше доста забавна – додаде Лавров.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека ќе разговара со лидерите на ЕУ за подготовките за преговорите со Русија „кога ќе дојде вистинскиот момент“.
Подоцна, одговарајќи на новинарските прашања за можен соговорник во преговорите меѓу Русија и Европа, Путин изјави дека лично би претпочитал да разговара со Шредер, но истакна дека на ЕУ е да избере лидер на кого му верува и кој не дал остри изјави против Русија.












