Белата куќа денес побара 152 милиони долари за повторно отворање на затворскиот остров Алкатраз, откако американскиот претседател Доналд Трамп го објави тоа минатата година.
Барањето за повторно отворање на Алкатраз е вклучено во предложениот буџет што Белата куќа го објави за владино финансирање за фискалната 2027 година, објави британската агенција „Ројтерс“ на својата веб-страница.
Буџетот бара средства за Федералното биро за затвори за покривање на првата година од реновирањето на „Алкатраз“ во „најсовремен безбеден затворски објект“.
Затворот е затворен во 1969 година и оттогаш е под покровителство на Националната служба за паркови.
Во мај минатата година, Трамп објави на социјалните мрежи дека им наредил на Бирото за затвори, на Министерството за правда на САД и на други агенции „повторно да го отворат значително проширениот и реновиран „Алкатраз“ за да ги сместат најбруталните и најнасилните криминалци во Америка“.
„Алкатраз“ е отворен во 1934 година и се сметал за најбезбеден затвор во САД поради неговата изолирана островска локација, ладна вода и силни струи.
Официјално никогаш не се регистрирани успешни бегства, иако пет затвореници се наведени како „исчезнати и се претпоставува дека се удавени“.
Пред затворањето, во него биле сместени озлогласени криминалци како Ал Капоне и Џејмс „Вајти“ Булгер.
На веб-страницата на Бирото за затвори се наведува дека „Алкатраз“ бил затворен бидејќи бил премногу скап за да продолжи со работа, забележувајќи дека неговото работење било речиси три пати поскапо од кој било друг федерален затвор, пренесе „Бета“.












