Поранешниот фудбалски репрезентатовец на Англија, Дејвид Бекам уште еднаш докажа дека неговото име одамна ги надмина границите на фудбалскиот терен. Легендарниот англиски фудбалер беше една од најголемите ѕвезди на Светското првенство во 2026 година, но не само поради неговото појавување на трибините и во ложињата, туку и поради неверојатната заработка што ја оствари за време на турнирот.
Според проценките на пазарните аналитичари, Бекам заработил околу 22 милиони евра за време на Светското првенство, што го прави најплатена јавна личност поврзана со првенството.
Таа бројка добива на тежина особено кога ќе се спореди со заработката на други големи имиња кои беа дел од спектаклот. Бекам ги надмина дури и глобалните музички ѕвезди како Шакира, која заработи околу 17,4 милиони евра за време на турнирот, како и Џастин Бибер, чии приходи се проценуваат на околу 13,9 милиони евра.
Поранешниот капитен на Англија беше речиси незаменлив за време на Светското првенство. Тој присуствуваше на бројни натпревари, се појави во рекламни кампањи на големи компании како што се „McDonald’s„ , „Walker“ и „Stella Artois“, а неговиот заштитен знак „Brand Beckham“ повторно ја покажа својата огромна вредност.
Бекам заработи повеќе од англиските фудбалери
Колку се импресивни неговите заработки најдобро покажува фактот дека за време на Светското првенство, Бекам собра дури 9,3 милиони евра повеќе од целата репрезентација на Англија за освојување на третото место.
Англиската фудбалска асоцијација доби околу 25,5 милиони евра од наградниот фонд на Светското првенство, а дел од тие пари беа распределени на играчите и тренерскиот персонал. Фудбалерите поединечно добија помеѓу 405.000 и 487.000 евра.
„Брендот Бекам“ вреди милијарди
Бекам и неговата сопруга Викторија имаат вкупно богатство проценето на околу 2,15 милијарди евра, а нивното презиме станало многу повеќе од фудбалски симбол.
Експертот за брендови Ник Ед објасни зошто компаниите продолжуваат да инвестираат огромни суми во Бекам.
– Глобалните брендови му веруваат на неговото презиме, влијанието на социјалните мрежи и меѓународното признание. Кога се појавува на настан што го гледаат неколку милијарди луѓе, неговата маркетиншка вредност се зголемува уште повеќе – рече Ед.












