вторник, октомври 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА БАРАЊАТА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА ПРЕДИЗВИКАА РЕАКЦИИ: Нема црковен благослов за намалување на ...

БАРАЊАТА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА ПРЕДИЗВИКАА РЕАКЦИИ: Нема црковен благослов за намалување на  верските празници

Таквата иницијатива не ја согледува вистинската смисла и значењето на празниците за македонскиот народ, изјавуваат од Црквата

242

Нема согласност и благослов од Македонската православна црква – Охридска Архиепископија за барањето на Стопанска комора на Македонија да се намали бројот на православни верски празници. Од Црквата порачуваат дека значењето на верските празници не може да се сведе само на прашањето на работната организација и економската продуктивност.

– Таквиот пристап, со иницијативата за намалување на бројот на неработните верски празници, не ги согледува вистинската смисла и значењето на празниците за македонскиот народ. Празникот – како свештено време определено за споменување важни настани или личности од црковната историја, а со тоа и можност за оттргнување од секојдневните грижи, за приближување кон Бога и кон ближните – несомнено претставува живо сведоштво за верата, за духовното и културното предание, како и за вековната поврзаност на нашиот народ со Црквата. Затоа, нивното значење не може – а и не треба – да се сведува единствено на прашање на работна организација и економска продуктивност – изјавија деенска од МПЦ-ОА за весникот ВЕЧЕР.

Познато е, проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска, вчера излезе со предлогот со кој бројот на петте неработни денови за припадниците на православната вероисповед би се намалил на само два. Со тоа, вкупниот број празнични денови во државата би се намалил од 16 на 13. Димовска тврди дека предлогот не значи бришење или укинување на празници, туку ревидирање на правото на нивно користење бидејќи, како што рече, граѓаните не ги ни знаеле верските празници.

– Граѓаните не ги знаат верските празници, сакаат само да си спојат за викенд – нагласи Димовска.

Во МПЦ-ОА не го коментираа овој дел од нејзината изјава, но таа наиде на осуда од многубројни граѓани кои во коментарите на социјалните мрежи пишуваа дека ваквото тврдење е навредливо за голем број граѓани.

Комората направила и анализа на 36 европски економии, според која, во речиси 70 отсто од нив, бројот на државни празници и неработни денови се движи меѓу 11 и 14.

Врзано со ова, премиерот Христијан Мицкоски се изјасни против кратење на веќе утврдените неработни денови, повикувајќи се на правата што работниците веќе ги имаат.

– Во принцип, мислам дека стекнатите права на работниците треба да се почитуваат и тука немам никаква дилема – изјави Мицкоски.

Против намалување на бројот на неработни денови се изјаснија и синдикалните организации, кои сметаат дека евентуалното кратење би значело навлегување во веќе стекнатите работнички права. Напоредно со ова, во анализите кои се објавуваат во медиумите се укажува дека бројот на верските празници кои ги користат граѓаните со православна христијанска вероисповед не е голем. Така, додека македонските граѓани имаат право на вкупно девет празнични денови врзани за верски празници, во европските земји имаат повеќе. На пример, во Романија има 11 христијански празнични денови, во Грузија, Полска, Австрија по 10, Грција и Бугарија по 9. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ