Единаесетте градоначалници на Општините од Источнопланскиот регион (ИПР) поведоа иницијатива за решавање на проблемот со бездомните животни, по примерите на двата соседни региони. Градоначалникот на Oпштина Пробиштип, Тони Тоневски, воедно и претседател на Советот на градоначалници на ИПР, вели дека за почеток се предвидени околу 100.000 евра, а со најава оти ќе се обезбедат и дополнителни средства за целосна реализација на проектот. За oпштините во Брегалничкиот Регион се понудени повеќе локации за изградба на стационaр за бездомни животни.
– Во моментот работиме за изнаоѓање на локации. Понудена е локација во општина Карбинци, а понудена е локација и во други општини. Оставаме да одлучат проектантите, односно тие да кажат која локација е најпогодна. Тоа за нас не менува ништо, на нас како регион ни е важно да се изгради стационар, каде што хумано ќе бидат згрижени бездомните животни – изјави Тоневски.
Општините од Источниот Регион го решаваат проблемот со бездомните животни со ангажирање на ветеринарен оператор, кој ги заловува и врши хуман третман на животните.












