Младата балетска уметница Виола Имери, победничка на првото издание на националната награда „Роксан Стојанов“, од 3 до 12 јули престојува во Париз, заедно со својата менторка, Дафина Данилоска-Кочевска. Првото издание на натпреварот во организација на Интерарт културниот центар и на Францускиот институт во Скопје се одржа на 18 април, на сцената на Македонскиот народен театар, во рамките на отворањето на 22. издание на „Танцфест Скопје“. Имери го освои првото место во конкуренција на 13-мина селектирани млади уметници, а во финалето настапи со Антонија Атанасова, Јана Кепевска, Мила Николова и со Теа Серафимов.

За наградата одлучуваше жири-комисијата составена од: Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера; Антонио Конфорти, солист на Париската опера; Сандра Мијалкова, примабалерина на Националната опера и балет; Н.Е. Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Франција, и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот.

Освен настапот заедно со Роксан Стојанов во Евијан, во рамките на „Музичките средби во Евијан“, таа ќе учествува во Париз и во програмата на балетската школа на Париската опера, каде што ќе посетува часови по класичен балет со Стефан Булион, современ танц, џез, јога и репертоар со Мириел Але. Програмата вклучува и посета на претстави во Пале Гарние, Театар Де Ла Вил и Опера Бастилја, како и ден посветен на запознавањето со секојдневието на една ѕвезда на Париската опера, средба со Роксан Стојанов и присуство на проби.

Предвидени се и посета на Пантеон, посета на Версај, можност за следење на претставата „Марија Антоанета“ на Маланден Балет Бијариц во Кралската опера во Версај, како и интервју со француската новинарка Валери Гаже од „Франсинфо“.

Во рамките на престојот, планирани се средби и вмрежување со личности од светот на балетот и на културата, како и средба со Роксан Стојанов и со Н.Е. Игор Николов, амбасадор на Република Македонија во Париз. Ова искуство претставува значаен чекор за младата уметница, но и важен пример за тоа како преку соработка меѓу културните институции, дипломатските претставништва, мецените и професионалците од уметничката сцена, младите таленти може да добијат конкретни можности за меѓународен развој.

Дафина Данилоска-Кочевска, менторка на Виола Имери, изјави: „Ова е непроценливо искуство, кое во иднина ќе го одреди патот на Виола и ќе ѝ помогне да стигне онаму каде што навистина заслужува да биде. Честа и задоволството се неизмерни. Едноставно нема зборови што би го опишале чувството“.

Инаку, наградата „Роксан Стојанов“ е создадена со јасна мисија: да им даде поддршка на младите танцови уметници во моментот кога може да биде пресудна таа поддршка за нивниот понатамошен професионален пат.

Како што велат организаторите, заминувањето на Виола во Париз е потврда дека оваа награда не е само признание туку и вистинска можност за учење, искуство, инспирација и отворање нови врати.

Со овој престој, Виола Имери ќе има можност да настапи, да учи, да гледа врвни продукции и да се поврзе со уметници и со професионалци од една од најзначајните балетски средини во Европа. Истовремено, нејзиното патување претставува силна порака до сите млади танцови уметници во земјава: посветеноста, талентот и трудот може да донесат реални можности и меѓународна перспектива.

Натпреварот и наградата „Роксан Стојанов“ се одржуваат под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ