недела, јули 5, 2026
Дома КОЛУМНИ ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Учење за животот и смртта

ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Учење за животот и смртта

3

Повеќето религии ја опишуваат смртта како премин, а не како крај. Смртта е раѓање. Да се умре, тоа едноставно значи раѓање во друг живот. Кога ќе настапи смртта, душата го напушта телото и тогаш таа е на пат кон нова фаза од постоењето.

ВоТибет цврсто веруваат во реинкарнацијата. Како и во многу други религии, и во тибетскиот будизам се потенцира вечноста на човечката душа. Телото е само облека што привремено ја покрива душата; должноста што треба да ја изврши човекот на земјата е определена од неговата слободна волја. Надворешниот изглед воопшто не е важен. Најважни се духот и душата што живеат во телото на човекот.

Со инкарнирањето во ново тело по реинкарнацијата, душите носат со себе и минато искуство и сите свои информации, па меморијата на душата се пренесува на секоја клетка од телото на новороденчето.

Познавањето на човечката клеточна меморија е тесно поврзано со концептот на реинкарнација. Сеќавањето на душата, искуството на сите нејзини инкарнации е складирано во секоја клетка од нашето тело. И од живот во живот, душата го пренесува целото свое искуство, влегувајќи во ново физичко тело со секоја инкарнација.

Во тибетскиот будизам се верува дека човекот поседува ментални записи од претходниот живот. Според Далај Лама: „Извесен вид настан, можеби, се случил во поранешниот дел од твојот живот и оставил многу силен отпечаток врз твојот ум, кој може да остане скриен за подоцна да повлијае врз твоето однесување“.

Укажувањето на Далај Лама е дека постојат ментални отпечатоци за кои не мора да бидеме свесни, но тие продолжуваат да влијаат на нашиот начин на размислување и однесување.

Во тој правец се и согледбите на Лама Анраика Говинда. Тој го анализирал феноменот „чудо од дете“, со кој се рушат сите закони на науката, како и општо прифатената психологија. Според Говинда, дури ни најголемата стручност не е во состојба да ги објасни спонтаното знаење и зачудувачката техничка вештина на таквите деца. Ако не ја признаеме можноста дека се стекнати таквото знаење и таквите технички способности во некој поранешен живот и дека се одржале по пат на сеќавање низ континуитетот на свеста, тогаш нема разумно објаснување за овие појави. Како поинаку би можеле да објасниме дека едно дете, на возраст од речиси четири години, може спонтано да владее со комплицираниот механизам на музичкиот инструмент како што е спинетот и со уште покомплицираните и суптилни закони на музичката композиција без претходно школување, како што се случило тоа со Моцарт, Бетовен и со други што биле вундеркинд. Моцарт во тие рани години компонирал менуети, а на седум години имал јавни настапи (концерти) на дворот на царицата Марија Терезија и на многу други места. Бетовен дури и пред да наполни четири години компонирал три сонати, а на возраст од осум години одржувал концерти. Хендл, Брамс, Дворжак и други големи композитори и музичари оствариле слични виртуозни чуда во своите рани години од животот. Може да се наведат многу такви случаи и во областа на книжевноста, математиката и во разни други научни области. Филозофот Волтер, на пример, на тригодишна возраст ги знаел сите Лафонтенови басни напамет, а Џон Стјуарт Мил на иста возраст веќе го владеел грчкиот јазик, додека на шест години ја напишал историјата на Рим.

Со сеќавањето на минатите животи и со работата на промена на нашите внатрешни програми, се ослободуваме од оковите на негативната енергија што ја носи нашата клеточна меморија.

Постои посебен вид хипноза што им помага на луѓето да ги оживеат сеќавањата на минатите животи. Овој третман се нарекува регресија (исто така наречен регресивна терапија). Под оваа посебна хипноза, лицето станува медиум кому некој му ги раскажува деталите од неговите минати животи.

Во последните години, со помош на хипноза се најдени нови докази за преднаталното сеќавање. Резултатите уште повеќе изненадиле, бидејќи до нив се дошло неочекувано и ненамерно. Овие резултати биле нуспроизвод на одреден медицински третман во кој била  користена хипнозата во различни цели. Како најистакнат се издвојува случајот со Едгар Кејси, Американец роден во 1877 година, во Кентаки. Тој на млади години го изгубил говорот поради психосоматска констрикција на грлото. Бидејќи сите познати медицински средства и методи на лекување се покажале како неефикасни, тој прифатил да го лекува еден хипнотизер, кој го вовел во состојба на длабок транс. И тогаш, освен  неговиот глас, се вратило и неговото преднатално познавање на медицината. Имено, во текот на хипнотичкиот транс, Кејси бил во состојба со стручни медицински изрази да даде точна дијагноза за својот здравствен проблем, детално опишувајќи го потребниот третман, иако во будна состојба не знаел ништо за тие работи.

Поддржувачите на теоријата на реинкарнација веруваат дека во серијата реинкарнации на душата, човекот носи кармички отпечаток што трае во текот на сите земски животи. Кармичкиот отпечаток ги евидентира сите благослови и клетви, зли и добри дела, стекнати вештини и примарни таленти.

Луѓето што го совладале законот на кармата и постигнале извесен степен на духовна будност (бодисатва) може да изберат да се вратат на Земјата за да им помогнат на другите во духовниот развој.

Во Тибет постои единствена и уникатна традиција на пронаоѓање на реинкарнациите на големите учители што починале. Ги наоѓаат додека се млади и тие добиваат посебно образование, со цел да станат значајни проповедници и учители.

Традицијата на препознавање на претходните инкарнации во тибетската култура е воспоставена во 13 век и продолжува да се развива до денес. Се верува дека остварениот учител, пред да почине, може да остави прецизни индикации за местото на своето идно раѓање. Се случува некои од неговите најблиски ученици или духовни содружници да имаат визија или предвидувачки сон за идната негова инкарнација.

Обично две години по смртта на ламата (тулку), обучени службеници почнуваат да трагаат по неговата реинкарнација.

Одговорните честопати се консултираат со астролог, тој изработува натална карта и дава назнаки каде може да се пронајде детето (реинкарнираниот лама) и како да се препознае.

Кога бил прашуван Буда: „Кој бев јас во мојот минат живот?“, тој честопати одговарал вака: „Ако сакате да знаете што сте правеле во вашиот минат живот, погледнете го вашиот живот денес; ако сакате да знаете што ќе ви се случи во идните животи, погледнете ги вашите постапки во овој живот“. И тоа е повеќе од логично – сè е предмет на законот на причина и последица или законот на кармата.

Законот на кармата укажува дека треба да се обидеме да правиме добри работи во корелација со љубовта, сочувството и мудроста. Тоа е најдобрата подготовка за следните фази низ кои ќе поминеме. Сегашното време е многу клучно и важно за нас – времето е во наши раце, под наша контрола и можеме да правиме што сакаме. Мигот на сегашноста е место каде што можеме да направиме позитивни промени што во голема мера ќе ги поддржат нашите идни одредишта и активности.

Христијанството учи дека човекот умира еднаш, а потоа го чека Божјиот суд. (Евр.9:27). За разлика од реинкарнацијата, која ни дава лажно чувство на слобода дека што и да направиме сега, можеме да го исправиме во следниот живот, христијанството бара од нас да се стремиме кон морално совршенство. „Бидете совршени, како што е совршен нашиот небесен Татко” (Мат. 5:48).

Овој текст ќе го завршам со една мудра тибетска поука: „Ако сакаш да ја знаеш вистината за животот и за смртта, мораш постојано да размислуваш за следново: во светот постои само еден закон што никогаш не се менува – законот дека сите работи се менуваат и сите работи се непостојани“.

ИЗДВОЕНИ