Изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани влегува во напредна фаза, со студијата за оцена на влијанието врз животната средина ставена на јавен увид до 23 март 2025 година. Јавната расправа ќе овозможи граѓаните, институциите и експертите да ги изнесат своите забелешки и предлози за економските, техничките и за еколошките аспекти на проектот. Одлуката трасата да се гради без тунел кај Стража, со цел заштеда од 250 милиони евра, отвори јавна дебата за балансот меѓу рационалната инвестиција и заштитата на животната средина. Овој капитален инфраструктурен проект се смета за клучен за регионалната поврзаност, за побрзиот и побезбеден транспорт, како и за економскиот развој на земјата

Постапката за изградба на автопатската делница Гостивар – Букојчани влегува во клучна фаза откако Министерство за животна средина и просторно планирање информираше дека е доставена студијата за оцена на влијание врз животната средина за проектот „Изградба на Коридорот 8, делница 2, подделница 2а“. Инвеститор е Јавното претпријатие за државни патишта, а документацијата е ставена на јавен увид, со можност за коментари до 23 март 2025 година.

Јавната расправа е закажана за петок (6 март 2026 година), во Општина Гостивар, со што формално започнува процесот на институционално и граѓанско преиспитување на еколошките, сообраќајните и на економските импликации од овој значаен инфраструктурен проект.

Во јавноста се отвори дебата и за техничкото решение на трасата. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека одлуката автопатот да се гради без тунел кај Стража е донесена врз основа на финансиска рационалност. Изградбата на тунел долг 5,3 километри би ја зголемила вредноста на проектот за околу 250 милиони евра, со ризик сумата да надмине и 300 милиони евра поради дополнителните трошоци.

– Во услови на ограничени буџетски можности, Владата се определила за варијанта што овозможува одржливост на инвестицијата без загрозување на други капитални проекти – рече Николоски.

Од технички аспект, максималниот наклон на делницата ќе достигне до 6 %, што е под стандардот за автопат (7 %), а проектираната брзина на движење ќе изнесува меѓу 110 и 130 километри на час.

Клучно прашање останува дали предложеното решение ќе обезбеди баланс помеѓу економската исплатливост и заштитата на животната средина, поради што студијата за оцена на влијанието ќе биде централна точка на јавната расправа.

Проектот за Коридорот 8 е еден од најзначајните инфраструктурни зафати во земјава. Според процените, градежните делници на Коридорот 8, вклучувајќи го и потегот Гостивар – Букојчани долг околу 30,3 километри, се проценети на приближно 560 милиони евра. Процената е ревидирана од консултантската куќа „Грант Торнтон“ и дел од вкупно 1,3 милијарди евра за четири поголеми автопатски делници на Коридорот 8 и на Коридорот 10-д.

Дополнително, трошоците за експропријација на земјиште и за изработка на проектна документација се проценуваат на околу 300 милиони евра за сите четири делници заедно. Конечната цена на потегот Гостивар – Букојчани може да варира во зависност од градежните решенија, инфлацијата, геолошките услови и од договорите со изведувачите.

Автопатот ќе биде клучен за регионалната поврзаност и за економскиот развој, овозможувајќи побрз, побезбеден и поефикасен транспорт, додека јавната расправа обезбедува транспарентност и учество на граѓаните во одлучувањето за ваков капитален инфраструктурен проект.

Коридорот 10-д се движи кон завршница: Николоски најавува нови 25 км автопат

Министерството за животна средина и просторно планирање објави дека инвеститорот, ЈП за државни патишта, ја достави Студијата за оцена на влијание врз животната средина за проектот „Изградба на Коридор 10-д, делница на автопатот Прилеп – Битола“, кој опфаќа територии во Општина Прилеп, Општина Битола и Општина Могила.

Јавната расправа за Студијата ќе се одржи на 10 март 2026 година (вторник), во Градската библиотека во Прилеп, со почеток во 12:00 часот, и на 12 март 2026 година (четврток), во салата на Советот на општина Битола, со почеток во 12:00 часот. Граѓаните и заинтересираната јавност ќе имаат можност да се запознаат со деталите од студијата и да достават свои забелешки и предлози.

Во врска со делницата од Фариш до Прилеп, која е дел од Коридор 10-д, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека не може да остане непридвижен дел, односно „црна дупка“ на патниот правец.

– Интензивно работиме на соодветно решение за изградба на автопат или експресен пат, со цел комплетно завршување на Коридорот 10-д, кој ги поврзува Скопје и Атина. Овој проект ќе ја скрати патната дистанција од сегашни 8 – 8,5 часа на 5 – 5,5 часа, што значително ќе го подобри трговскиот и деловниот однос меѓу двете држави – изјави Николоски.

Тој нагласи дека се реализираат активности и од македонска, но и од грчка страна, како дел од заедничките заложби за целосно заживување на Коридорот 10-д.

– Грците интензивно работат на нивниот дел од граница, преку Лерин кон Кожани, а ние работиме на автопат од Прилеп до Битола. Втората фаза опфаќа обиколница на Битола – Жабени и граничен премин. Делницата Градско –Дреново – Фариш е веќе изграден, и не смее да остане недовршен патот од Фариш до Прилеп, популарниот Плетвар. Најдобро е да се реши со автопат – појасни вицепремиерот.

Според Николоски, конечната одлука за тоа дали потегот Фариш – Прилеп ќе биде автопат треба да ја дадат стручните лица бидејќи теренот е сложен и бара посебна експертиза.

Багерите ја туркаат економијата: 14,6 % раст на градежништвото во финишот на 2025

Градежниот сектор продолжува да биде еден од главните двигатели на економската активност во земјава, со остварен раст од 14,6 % во четвртиот квартал од 2025 година.

– Овие бројки доаѓаат во период на интензивна реализација на капитални инвестиции: изградба на автопатишта, железничка инфраструктура, регионални и локални патишта, како и бројни комунални проекти низ државата – вели министерот за транспорт, Александар Николоски.

Податоците покажуваат дека позитивниот тренд е континуиран. Во третиот квартал од 2025 година, градежништвото забележало раст од 21 %, што значи дека и покрај сезонското намалување на активностите во зимскиот период, секторот ги задржува високата динамика и стабилната експанзија.

Двоцифрената стапка на раст во градежништвото се поклопува со порастот на бруто-домашниот производ, кој изнесува 3,8 % во четвртиот квартал.

– Овој економски резултат ја позиционира Македонија меѓу земјите со повисок економски раст во регионот, при што градежниот сектор има значајно учество во вкупната економска активност – вели Николоски.

Интензивирањето на инфраструктурните инвестиции како што се автопатските делници, модернизацијата на железницата и подобрувањето на локалната патна мрежа, се оценува како клучен фактор за ваквите економски резултати.

Со најавите за нови инфраструктурни зафати, очекувањата на Николоски се дека градежништвото ќе остане еден од носечките столбови на економскиот развој и во наредниот период. Македонија, според актуелните показатели, продолжува да се гради и да се развива со засилено темпо.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ