Атина се стресе од силна експлозија: Се урна зграда, остатоци летаа на сите страни, почувствувана силна миризба/ВИДЕО

1

Силна експлозија одекна нешто пред 8 часот наутро во зграда сместена во двор на улицата Лисикратус во Плака, историска четврт во самиот центар на Атина.

Според првичните информации, инцидентот се случил во постара зграда лоцирана спроти Храмот на Олимписки Зевс, а, објектот претрпел сериозни оштетувања, додека еден минувач се здобил со полесни повреди од остатоците.

Истовремено, пожарникарите спасиле две жени од соседната зграда. Една од жените е постара, а двете биле пренесени со брза помош во болницата „Георгиос Гениматас“ на лекување, пренесува „Прототема“.

Претходно имало дојави за луѓе кои повикуваат на помош, што ги алармирало службите за итни случаи поради стравувањата дека можеби имало заробени лица во зградата каде што се случила експлозијата.

Извештаите укажуваат дека експлозијата била исклучително силна и се слушнала низ голем дел од центарот на Атина.

Остатоците оштетиле паркирани автомобили, а ударниот бран предизвикал штета и на околните продавници. Противпожарната служба соопшти дека како последица на експлозијата избувнал и помал пожар.

Оперативниот центар на противпожарната служба беше известен за инцидентот во 7:45 часот наутро, по што веднаш беа упатени 20 пожарникари со шест возила и специјално возило за спасување од Првата специјална единица за спасување и гаснење пожари (1. ЕМАК). Беа мобилизирани и службите на градот Атина за да пружат помош со тешка механизација.

На Одделот за истрага на случаи на подметнат пожар во Атина му е доверена задачата да ја утврди причината за инцидентот.

Причината за експлозијата сè уште не е позната, но првичните информации укажуваат на истекување на природен гас.

ИЗДВОЕНИ