Во непосредна близина на станбениот комплекс „Бахаш“, во урбаната заедница „Бардовци“, во тек е реализација на инфраструктурен зафат кој опфаќа асфалтирање на три улици во вкупна должина од 663 метри.
Од Општината информираат дека градежните активности на оваа локација опфаќаат и изградба на нови тротоари, рабници, како и поставување на нови столбови за улично осветлување.
– Со ова ќе се овозможи побезбедно движење на пешаците и возилата, а со тоа ќе се зголеми и квалитетот и условите за жителите од овој дел од населбата – соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека паралелно со овој градежен зафат, се изведуваат инфраструктурни активности и на улицата „1687“, каде што се врши целосно асфалтирање на коловозот и изградба на нови тротоарски површини.
– Во тек на градежните работи, економските оператори ја поставија и својата комуникациска подземна мрежа со што оваа улица добива конечен, современ и функционален лик и намена – велат од локалната самоуправа.
При увидот во градежните активности, градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, истакна дека продолжуваат со реализација на капитални инфраструктурни проекти во сите урбани заедници, кои директно придонесуваат за создавање на рамномерен развој на општината и подобрување на квалитет на животот на карпошани.












