Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ODNI) на САД беа цел на наводен хакерски напад, при што беа изложени информации што не се класифицирани. Според еден од изворите, нападот влијаел врз систем што двете агенции го користат за анализа на разузнавачки податоци собрани од јавно достапни извори.
Точниот обем на безбедносниот инцидент сè уште не е утврден, но официјални лица тврдат дека не се загрозени класифицирани или чувствителни податоци.
„Немаше нарушување на критичните капацитети или на класифицираните системи“, изјави за Си-Ен-Ен (CNN) претставник од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање.
Од ЦИА одбија да го коментираат случајот.
Според два извори, првичните индиции укажуваат на тоа дека нападот можеби потекнува од Кина, иако останува нејасно дали во него била вклучена кинеската влада. Сè уште не е познато кога точно се случил продорот во американските разузнавачки системи, ниту пак дали проблемот е во меѓувреме решен.
Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ODNI) – која надгледува 17 американски разузнавачки агенции, вклучително и ЦИА – во последните години сè повеќе инвестира во разузнавачка работа заснована на јавно достапни извори, од кои голем дел не се класифицирани. Овој хакерски инцидент, за кој прв објави весникот „Њујорк тајмс“, е најновиот во низата инциденти поврзани со сајбер-безбедноста и техничките прекини, кои предизвикаа загриженост во американската влада и во приватниот сектор.
Според два извори, овој инцидент не е поврзан со наводниот хакерски напад врз националната база на податоци на Федералното биро за истраги (ФБИ), која содржи информации за кривични дела. Си-Ен-Ен прв извести за случајот во петокот.
Хакерските напади се случија истовремено со низа други, меѓусебно неповрзани големи технички дефекти, кои влијаеја врз банките, Агенцијата за национална безбедност (НСА) и системот за контрола на летање на Федералната управа за авијација (ФАА).
Овие инциденти ја разнишаа довербата на Американците во технологијата што е основа на нивното секојдневие.
Претходно овој месец, сите летови низ САД беа приземјени неколку часа поради голем системски дефект, што доведе до одложување или откажување на илјадници летови. Федералната управа за авијација утврди дека проблемот бил предизвикан од еден рутер во сојузната држава Арканзас.
Во посебен инцидент, прекин во работата што влијаеше на производите на Microsoft, ги оневозможи корисниците ширум светот да пристапат до алатки неопходни за секојдневната работа, како што се сметките за е-пошта Outlook и состаноците преку платформата Teams.












