Унгарија отвори кривична истрага за работењето на државната Ексимбанка, а меѓу четирите случаи што ги чешла полицијата е и кредитот од една милијарда евра за Македонија, објавува „Ројтерс“. Станува збор за заем што Владата на Христијан Мицкоски го договори со унгарската Ексимбанка во време на владеењето на Виктор Орбан, а сега целата зделка се најде под лупа на унгарските истражители.
Според „Ројтерс“, полицијата истражува сомнежи за злоупотреба на службената положба и несовесно управување во четири случаи поврзани со Ексимбанка. Пријавата била поднесена во јули од унгарското Министерство за економија, по спроведена ревизија на работењето на банката.
Работата очигледно не останала само на документи и службени белешки. „Ројтерс“ објавува дека унгарските истражители во понеделникот заплениле илјадници страници интерна документација од Министерството за економија. Според полицијата, документите содржат дополнителни информации важни за испитувањето на случаите.
„Ројтерс“ наведува дека македонскиот кредит е одобрен со камата од 3,25 отсто и со целосна државна гаранција. Токму овој кредит претходно беше проблематизиран и од новиот унгарски премиер Петер Маѓар, кој според „Ројтерс“, отвори сомнежи дека парите што требало да им помогнат на унгарските компании можеби биле искористени за поддршка на странски политички сојузник, а потенцијално и на компании блиски до поранешната власт.
Но, „Ројтерс“ прецизно нагласува дека ова се сомнежи и тврдења на Маѓар, а не докажани факти. Агенцијата не тврди дека кредитот за Македонија е незаконски, ниту дека македонскиот премиер Христијан Мицкоски или македонската Влада сториле нешто незаконско. Она што е факт, според „Ројтерс“, е дека кредитот е еден од четирите случаи што официјално ги истражува унгарската полиција во рамки на поширока истрага за можно злоупотребување на службената положба и несовесно управување во Ексимбанка.
„Ројтерс“ открива и дека македонскиот заем не е единствената спорна зделка што се проверува. Вториот од четирите предмети се однесува на африкански инфраструктурен проект, за кој Ексимбанка и унгарската државна развојна банка обезбедиле гаранција за финансирање од 126 милијарди форинти, односно околу 398 милиони долари. Според „Ројтерс“, Ексимбанка не одговорила веднаш на барањето на агенцијата за коментар за истрагата.
– Банката до јуни 2022 година била под надлежност на унгарското Министерство за надворешни работи, а потоа преминала под Министерството за економија – пишува „Ројтерс“.
Во меѓувреме, од агенцијата потсетуваат дека Виктор Орбан ги отфрла обвинувањата за корупција.
(С. Бл.)












