Виолинистот Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Профундис“ приредија незаборавна музичка вечер, која ја обележаа врвни интерпретации, силни емоции и извонредна атмосфера. Под диригентската палка на маестро Ѓурѓица Дашиќ, Миленковиќ уште еднаш ја потврди својата репутација на еден од најистакнатите виолинисти на денешницата. Со сигурност, прецизност и со длабока музикалност, тој ја воодушеви фестивалската публика, која со долги аплаузи и овации ја наградуваше секоја негова изведба
Во преполното предворје на црквата „Света Софија“, светски познатиот виолинист, Стефан Миленковиќ, и камерниот оркестар „Профундис“ приредија незаборавна музичка вечер, која ја обележаа врвни интерпретации, силни емоции и извонредна атмосфера. Концертот се одржа во рамките на програмата на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Сцената, која беше внимателно уредена и осветлена со стотици свеќи, создаде посебен амбиент, кој совршено ја надополни музичката програма и ѝ понуди на публиката несекојдневно аудиовизуелно доживување.

На програмата беа изведени „Серенада за гудачи“ оп. 48 од Петар Илич Чајковски, „Возлет на чучулигата“ од Ралф вон Вилијамс, „Интродукција и Рондо капричиозо“ од Камиј Сен-Санс, како и виртуозната „Кармен“ фантазија оп. 25 од Пабло де Сарасате, едно од најсложените и највпечатливи дела во виолинската литература, кое бара исклучителна техничка подготвеност и уметничка зрелост.
Под диригентската палка на маестро Ѓурѓица Дашиќ, Миленковиќ уште еднаш ја потврди својата репутација на еден од најистакнатите виолинисти на денешницата. Со сигурност, прецизност и со длабока музикалност, тој ја воодушеви фестивалската публика, која со долги аплаузи и овации ја наградуваше секоја негова изведба.
Миленковиќ, кој ѝ е миленик на фестивалската публика на „Охридско лето“, и овој пат ја покажа својата виртуозност над виолината со која владее уште од својата најрана детска возраст.

– Секогаш со големо задоволство настапувам со „Профундис“. Тоа е оркестар со извонреден квалитет, но, пред сè, со исклучителна енергија, карактер и ентузијазам. Секогаш сум среќен кога доаѓам на „Охридско лето“. Овој фестивал има посебно место во моето срце, а охридската публика секогаш ме пречекува со голема топлина и љубов. Вистинско задоволство е повторно да се биде дел од оваа прекрасна фестивалска атмосфера – вели Миленковиќ.
Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година, од страна на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Во него членуваат некои од најистакнатите македонски инструменталисти од повеќе различни генерации. Идејата на „Профундис“ е да се создаде висококвалитетен професионален ансамбл, кој, покрај изведбите на капитални дела, ќе поставува и праизведби на дела од современи автори од класичната музика, да биде во функција на македонските врвни изведувачи, како и на македонските современи автори, да носи светски имиња од светот на класичната музика како солисти и да ги поместува границите на креативноста како во смисла на изведбата така и во смисла на сценскиот настап.
Инаку, концертите под свеќи во последните години станаа еден од најпрепознатливите светски концертни формати, носејќи сосема поинаков начин на доживување на класичната музика. Публиката добива интимно и визуелно впечатливо искуство во кое светлината, архитектурата и музиката се спојуваат во една целина. Токму спојот на музиката, светлината и на автентичниот простор на „Света Софија“ создаде концерт што долго ќе се памети.












