– Критериумите за избор на претставите што влегоа во програмата на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ се универзални и добро познати како и сите претходни 59 години на овој фестивал: најдобра продукција, сериозно поставена претстава, посветена работа на актерите, третман кон просторот, однос кон драмскиот текст, корелација со светските и европските театарски трендови, однос кон сопствените традиција и наследство. И најпосле и најважно, имање став, коментар, однос кон стварноста – вели за весникот ВЕЧЕР Ана Стојаноска, уметнички директор и селектор на програмата на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
Десет претстави во официјалната и четири во придружната програма ќе бидат одиграни на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кое ќе се одржи во Прилеп, од 5 до 12 јуни. За критериумите за избор на претставите што театарската публика ќе има можност да ги проследи годинава, за македонската драма, но и за тоа што значи успешен фестивал зборуваме со уметничката директорка на фестивалот и селекторка на програмата, Ана Стојаноска.
Според кои конкретни критериуми се правеше изборот на претставите што влегоа во програмата на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, од 54. изгледани продукции?
Една од работите на театрологот е да постави критериуми за квалитет на претставата, така што мило ми е што посочувате на еден мошне важен аспект во селекцијата на програмата. Изгледав 54 претстави на сцените во Македонија, и во институциите и во независна продукција. Откако завршив со гледањето, сакав да проценам дали има една слика на тоа што е репертоарната политика кај нас и на кој начин, како култура, ја креираме театарската естетика. Интересно е што во текот на моето константно следење на македонската и светската театарска практика, секогаш има одредена слика што ѝ ја нудат театрите на јавноста. Критериумите се универзални и добро познати како и сите претходни 59 години на овој фестивал: најдобра продукција, сериозно поставена претстава, посветена работа на актерите, третман кон просторот, односот кон драмскиот текст (ако станува збор за претстава работена според драмски текст), корелација со светските и со европските театарски трендови, однос кон сопствените традиција и наследство. И најпосле и најважно, имање став, коментар, однос кон стварноста. Критериумите по кои ги избирам претставите секогаш зависи од концептот на фестивалот и од тоа што сметам дека треба да го покаже фестивалот пред својата публика.
Дали сметате дека фестивалот треба да биде пресек на најдоброто од сезоната или авторски концепт на селекторот?
Секој фестивал на овој свет што има свој уметнички директор што ја селектира програмата е секогаш со авторска визија и концепт, но и истовремено тоа е и целта на селекторот – да го покаже најдоброто од сезоната, тие две работи не се издвоени, напротив. Нашиот фестивал во својот Статут и го дефинира тоа. Не знам зошто е овој дуализам, како може концептот на уметничкиот директор да оди надвор од најдоброто во сезоната? Кога ги имате привилегијата, одговорноста и задачата да изгледате сè што е на тековните репертоари, кога имате свои стандарди, кои не се само лични туку се и во насока на посветена почит кон театарот, тогаш одговорот е тој, најдоброто од сезоната е дел од концептот на селекторот.
Посочивте дека недостига простор за македонската драма, дали сметате дека годинашната селекција навистина го коригира тој проблем?
Селекцијата не може да коригира проблем што постои во тековниот репертоар, барем не директно. Јас можам да организирам фестивал, можам да создадам услови за изведување претстави, како професор на Факултетот за драмски уметности – Скопје што предава Македонска драма и театар, можам да укажам дека треба да се поставуваат македонските драми, но јас не правам репертоар на театар, ниту режирам претстави. Ајде да погледнеме од друга перспектива, на пример со отворен поглед, во текот на последните децении од минатиот век македонската драма беше редовно на репертоарите на македонските театри. Некогаш и со две и повеќе претстави. Младите македонски автори добиваа простор на сцените на театрите. Имаше режисери што решаваа да режираат само македонски драми. Горан Стефановски предаваше на ФДУ, Дејан Дуковски и Жанина Мирчевска беа асистенти, па доценти. Тоа се фактите. Сликата денес е многу поразлична. И покрај сите мои желби и напори, јас не можам да го сменам тоа. Избрани се три претстави работени според домашни драми. Имаше уште неколку, да, но не одговараа во концептот на фестивалот. Се надевам само дека ќе почнеме да ја цениме својата драма, ќе почнеме да им даваме шанси на младите автори и ќе имаме подобар однос кон сопствениот театар.

Како го оценувате односот меѓу класичната македонска драма и современите драмски текстови на домашната сцена денес?
Гордо им кажувам на студентите дека ние имаме автор предводник на современ светски тренд, друг автор што во својот живот создал сопствена естетика што станала доминантна во одреден временски период, имаме, како и секоја национална драма, во својот корен добро напишана битова драма, имаме и актуелна современа драма. Јас ја сакам македонската драма затоа и сум избрала да ја предавам, студирам, ако сакате, и пишувам. Јас сум учела посредно и од Војдан Чернодрински, и од Коле Чашуле, и од Никола Јонков Вапцаров, и од Бранко Пендовски, и од Оливера Николова, и од Горан Стефановски, и од Југослав Петровски, и од Дејан Дуковски, и од голем број македонски драмски автори. Реално, тоа е нашата традиција. Јас уште ја паметам претставата „Балканот не е мртов“ на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски и предавам за неа на Факултетот. Затоа што таа зборуваше токму за тоа што мислам дека треба да го побараме денес на нашите сцени: автентичност, актуелен миг, контекст во кој се создава и огромна љубов и посветеност на актерите на сцената.
Имаше ли претстави што уметнички ги ценевте, но, сепак, не влегоа во програмата поради концептот на фестивалот?
Неколку пати имам изјавено дека нашиот фестивал може да донесе претстави од тековната, но и од претходните години. Така што ако е добра, претставата ќе го најде своето место на фестивалот. Од овие 54 претстави, има различни пристапи, некаде добра режија, некаде недоволно добра продукција, некаде е направена само поради формата, некаде има актери што се одлични, некаде има добар текст, а не толку добра режија. Сè има. И добро е што е така. Затоа што имаме и публика што сака да гледа секаков театар.
Како го објаснувате фактот што неколку национални театри воопшто не се дел од програмата во јубилејна година, што беше една од главните забелешки на театрите што не беа избрани?
Многу едноставно. Фестивалот не е од ревијален карактер. Во Статутот на фестивалот е посочено дека селекцијата е избор на уметничкиот директор. Ако внимателно ја прегледаме архивата на фестивалот, ќе видиме дека секоја година има претстави што не се селектирани и театри што не учествуваат. Не знам зошто се инсистира на тоа дека треба некој по секоја цена да учествува на фестивалот. Минатата година беа, исто така, девет театри во официјалната конкуренција. Не е убаво кога се пласираат неточности за фестивалот. Реално, според условите за изведба, недостигот од сместувачки капацитети и ограничениот буџет, ова е најдоброто што може да го направи фестивалот.
Колку треба реакцијата на публиката да биде фактор при фестивалската селекција? Дали „полна сала“ е релевантен показател за успешна претстава?
Мислам дека „полна сала“ е најубавиот доказ за желбата на публиката да гледа театар. „Полна сала“ не треба да се поистоветува со уметнички квалитет, а се разбира дека е финансиски показател за успешна претстава. Реакцијата и импресиите на публиката се лични, како што ги учам студентите, како што сум научила јас од моите професори, „допаѓањето е интимна категорија“. Иста претстава може да добие 1.000 различни реакции од 1.000 различни гледачи.
Што би било за Вас најсилен доказ дека е успешно ова јубилејно издание на фестивалот?
Публика што е мотивирана да доаѓа во театар, да разговара за театарската претстава; театарски уметници што си го сакаат театарот и посветено го создаваат; млади луѓе, како и оваа година, што во огромен број сакаат да волонтираат на фестивалот; детска зона, која е најактивна, и сјај во очите на децата што го следат фестивалот; насмеани лица; строги критики, прифатена дискусија и размена на информации; посветеност во пристапот на сите присутни и, се разбира, чувство дека сме покажале што е најдобро во македонскиот театар. Верувајте ми дека Прилеп го заслужува тоа: да има свој фестивал и да има свој театар.
„Мачкина глава“, „Амадеус“, „Носорози“, „Црнила“…
МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп годинава ќе биде отворен со претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар, која е селектирана во официјалната програма, а ќе биде затворен со гостувањето на Београдско народно позориште, кое ќе ја изведе „Црно злато“ во режија на Оливер Фрлјиќ, по текст на Дејан Дуковски, авторот во фокусот на фестивалот годинава. Претстави во официјалната селекција се и: „Амадеус“ од Петер Шефер, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Турски театар – Скопје; „Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски, продукција на Народен театар – Битола; „Ивона принцезата на Бургунд“, од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска, продукција на Театар Комедија – Скопје; „Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар – Куманово; „Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар – Скопје; „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар – Штип; „Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ-Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје: „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и „Челинџ“, автор и режија Јане Спасиќ, Театар за деца и младинци – Скопје.
Даниела ТРАЈКОВСКА












