Прекрасна атмосфера, насмевки и фер-плеј игра, Велес ги исполни сите очекувања. Ова е шестиот град во кој се одржа „Денот на спортот“, како дел од „Плазма – Спортските игри за млади“. Големиот спортски настан се одржа во Гимназијата „Кочо Рацин“, а присуствуваа повеќе од 700 дечиња.
Поттикнувањето на спортскиот начин на живот, инклузијата, толеранцијата и другарството меѓу децата и младите е главната мисија на најголемиот спортско-аматерски настан во Европа – „Плазма – Спортските игри за млади“, веќе цели 30 години. СИМ, кои за првпат се одржуваат во Македонија, овозможуваат бесплатен спорт за сите деца, создавајќи еднакви можности и простор за развој на младите таленти.
Младите спортисти беа поздравени од претседателката на „Плазма – Спортските игри за млади“ во Македонија, Елена Мицковска, градоначалникот на Велес, Марко Колев, пратеникот Игор Здравковски, заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, како и директорот на Гимназијата „Кочо Рацин“, Илија Попов, кој се погрижи организацијата да биде на врвно ниво.
Велес е град кој создава и создавал врвни спортски имиња. Ракометната легенда Пепи Манасков и поранешниот фудбалер Панче Ќумбев, заедно со младите дечиња, го донесоа факелот и симболично го означија почетокот на СИМ.
Претседателката на „Плазма – Спортските игри за млади“ во Македонија, Елена Мицковска, во своето обраќање ги поздрави младите учесници, нагласувајќи дека спортот секогаш обединува, инспирира и гради вистински вредности кои остануваат за цел живот.
- Денеска сме тука поради вас, да се погрижиме овој ден да биде исполнет со спортски активности. Сакам да им се заблагодарам на сите кои придонесоа за прекрасната организација, благодарност до луѓето кои се вложија безрезервно. Благодарност до градоначалникот на Општина Велес, до Спортскиот сојуз на градот Велес, до Федерацијата на училиштен спорт на Македонија и, секако, најголема благодарност до премиерот, г. Христијан Мицкоски, кој верува во спортот, особено во училишниот спорт. Тука се и нашите спонзори – „Пивара“, „Плазма“, Шпаркасе банка и Шпаркасе лизинг.
Нашата главна цел е да ви обезбедиме еднакво право да се натпреварувате, без разлика дали сте спортисти или не, дали доаѓате од градска или од рурална средина, и најважно – сето ова да го добиете бесплатно. Драги деца, ви посакувам да имате убав и исполнет ден, со насмевки да постигнете добри резултати, а со најдобрите се гледаме на големото финале од 11 до 22 август во Сплит, рече Елена Мицковска.
Градоначалникот на Велес, Марко Колев, не го криеше своето задоволство што „Плазма – Спортските игри за млади“ се одржуваат токму во овој град.
- Денеска е прекрасен ден – ден на спортот. Велес е домаќин на „Плазма – Спортските игри за млади“, кои традиционално се одржуваат веќе 30 години, а од оваа година првпат се организираат и во Македонија, во нашиот прекрасен Велес. Главната цел е бесплатен спорт за секое дете. Сакам да ѝ се заблагодарам на Владата на Република Македонија, на Општина Велес и на сите што се дел од оваа организација. Сакам да им се заблагодарам и на Пепи Манасков и на Панче Ќумбев, двете наши спортски легенди, рече градоначалникот Марко Колев.
Игрите опфаќаат натпревари во 10 атрактивни спортски дисциплини: кока-кола кап – турнир во мал фудбал, пинг-понг, тенис, народна топка и атлетика во рамките на „Денот на спортот“, како и баскет 3×3, ракомет, шах, одбојка и одбојка на песок.
Право на учество имаат сите деца и млади, не само оние што се занимаваат активно со спорт, што ја прави оваа манифестација отворена, инклузивна и достапна за сите. Игрите со години испраќаат моќна и инспиративна порака: „Чекор за подобра иднина“.
„Денот на спортот“ имаше спектакуларно отворање во Скопје, а потоа се одржа во Куманово, Штип, Кочани, Струмица и денеска во Велес. Карванот продолжува следната недела во Кавадарци, Прилеп и Битола.











