Изложбата претставува визуелен дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината, низ дела и предмети што сведочат за историските пресврти, за стремежот кон слобода и за процесите низ кои се обликувал современиот македонски културен идентитет. Од традицијата на Охридската книжевна школа и македонската преродба, преку Илинденското востание и Крушевската Република, Народноослободителната борба и АСНОМ, па сè до референдумот од 8 септември 1991 година, изложбата го следи континуитетот на македонските стремежи кон слобода, достоинство и сопствена државност, велат од Музејот на Македонија

Во историскиот дел на Музејот на Македонија, од вчера, е отворена изложбата „Боите на слободата“, која претставува избор од колекцијата на Музејот на Македонија. Пред посетителите се претставени бројни историски предмети и документи, како и уметнички дела од Мартиноски, Личеноски, Родољуб Анастасов, Томо Шијак, Радмило Поповски, Борко Лазески, Трајче Николовски, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски, Бранко Коневски, Љубомир Белогаски, Ангеле Ивановски, Драгољуб Маринковиќ-Пемкин, Василије Поповиќ-Цицо и Јордан Грабуловски.

Изложбата што ја отвори директорот на Музејот на Македонија, Александар Ристевски, заедно со дел од кураторскиот тим, ќе трае во следните два месеца, во период во кој Музејот на Македонија ќе одбележи 50 години од изградбата на објектот.

– Изложбата по повод 35 години од прогласувањето на независноста на Македонија, „Боите на слободата“, го одбележува државотворниот јубилеј преку најтрајниот белег на еден народ – неговото културно и уметничко творештво. Таа претставува визуелен дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината, низ дела и предмети што сведочат за историските пресврти, стремежот кон слобода и за процесите низ кои се обликувал современиот македонски културен идентитет. Од традицијата на Охридската книжевна школа и македонската преродба, преку Илинденското востание и Крушевската Република, Народноослободителната борба и АСНОМ, па сè до референдумот од 8 септември 1991 година, изложбата го следи континуитетот на македонските стремежи кон слобода, достоинство и сопствена државност, велат од Музејот на Македонија.

Инаку, во рамките на поставката посебно место имаат делата на повеќе генерации македонски творци – писатели, сликари, скулптори, актери, композитори и режисери – кои преку својот автентичен творечки ракопис оставиле траен белег во македонската културна меморија.

– „Боите на слободата“ ги поврзува трите симболични Илиндени – Илинден 1903, АСНОМ 1944 и 8 Септември 1991 – како три историски точки што ја одбележуваат борбата за слобода, државност и идентитет. Ова не е само изложба за историјата. Таа е сведоштво за тоа како уметноста ја памети, толкува и ја продолжува историјата, додаваат од Музејот. Или, како што кажа нашиот познат драмски писател, Горан Стефановски: „Идентитетот не е зацртан, туку се освојува од ден на ден. Впрочем, исто како и слободата“.

Во организацијата на изложбата учествуваат кустосите Марија Петковска, Татјана Трајковиќ, Анета Попантоска, Здравко Стојкоски и други стручни лица од Музејот.

Фото: Ѕ. Плавевски

ИЗДВОЕНИ