
По цените на билетите за Светското првенство во 2026 година (11 јуни – 19 јули) што се претерани, вртоглавите цени на билетите за метро до одредени стадиони во Соединетите Американски Држави предизвикаа негодување кај навивачите, чиј буџет за турнирите вртоглаво расте.
Во Бостон, локалните власти објавија дека повратното патување помеѓу железничката станица и стадионот „Фоксборо“, оддалечен 15 милји, ќе чини 80 долари. Тоа е речиси десет пати повеќе од редовната цена (8,75 долари) и четири пати повеќе од цената на билет за натпревар или за концерт на НФЛ на стадионот „Жилет“ (20 долари).
Локалниот организациски комитет, исто така, објави дека повратното патување со експресен автобус, резервиран за оние што имаат билети, ќе чини 95 долари.
Според „Атлетик“, Управата за транзит на Њу Џерси планира да наплати повеќе од 100 долари, што е повеќе од вообичаените 12,90 долари, за повратен билет помеѓу Менхетен и стадионот „Метлајф“, кој ќе биде домаќин на осум натпревари од СП, вклучувајќи го и финалето на 19 јули. Француската репрезентација ќе игра два од своите три натпревари од група И во Бостон и во Њу Џерси.
– Ова е скандалозно! На неодамнешните турнири, превозот беше вклучен или понуден по ниска цена за оние што имаат билети – изјави за АФП Гијом Опретр, портпарол на „Иресиблс франсес“, главната навивачка група на „Лес блеус“ со речиси 2.500 члена.
Здружението на фудбалски навивачи, исто така, го осуди потегот како „измама“.
Англија, која е во групата Л со Хрватска, исто така, ќе игра еден натпревар во Бостон, а друг во Њу Џерси. Хрватската репрезентација ги игра своите натпревари во Далас, против Англија, на 17 јуни, потоа во Торонто, против Панама, на 24 јуни и во Филаделфија, против Гана, на 28 јуни.
ФИФА, која не реагираше веднаш, веќе се соочува со жестоки критики за високите цени на билетите за натпреварите, кои може да достигнат неколку илјади долари на официјалната платформа за претпродажба.
Демократскиот сенатор Чак Шумер, претставник од Њујорк, изјави дека ФИФА, „за која се очекува да заработи речиси 11 милијарди долари од Светското првенство ова лето“, треба „барем да обезбеди локалните жители да може да одат на стадион без да бидат ограбени на влезот“.
Според американските медиуми, трошоците за работа на мрежата за јавен превоз за осум натпревари на стадионот ќе изнесуваат 48 милиони долари, особено поради безбедносните барања.
Единаесетте градови домаќини во САД добија 100 милиони долари од Министерството за транспорт на САД, врз основа на големината на своите стадиони и бројот на одиграни натпревари, за подобрување на транзитните системи и за извршување инфраструктурни работи. Масачусетс доби 8,7 милиони долари, а регионот Њујорк/Њу Џерси – 10,4 милиони долари, објавија локалните медиуми.
Во Лос Анџелес, локалниот транзитен орган „ЛA Mетро“ доби 9,6 милиони долари. Во март ја увери јавноста дека нема да се зголеми редовната цена на билетите до стадионот „Софи“ (3,50 долари за повратен билет) за осумте натпревари од Светското првенство.











