EPA/LUKAS COCH AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Шпанскиот тенисер Карлос Алкарас уште еднаш го нагласи своето незадоволство од строгите критериуми на судиите кога станува збор за правилото од 25 секунди пауза помеѓу поените, признавајќи дека не очекува да се промени ситуацијата.

Светскиот број еден беше жестоко настроен кон правилото во текот на неговиот неодамнешен настап и триумф во Доха, откако имаше интензивна конфронтација со судијата на стол околу тајм-аутите на четвртфиналниот натпревар против Карен Качанов.

Алкарас му рече на својот тим: „Правилата на АТП секогаш се глупави, глупави се, глупави!“.

Потоа тој се осврна во текот на прес-конференцијата.

– Искрено, мислам дека треба да биде малку пофлексибилно, дури и ако се преиспита правилото, бидејќи на толку тешки натпревари се случува истото цело време и, за мене, е бесмислено.

Ова не е првпат Алкарас да има проблеми со ова правило, сличен инцидент се случи и во Јапонија, минатата година.

Иако не беше загрижен во текот на победата во второто коло над Григор Димитров во Индијан Велс, седумкратниот освојувач на гренд слем турнири одговараше на прашањата за правилото по натпреварот.

– Искрено, не разговарав со нив. Никој не ми се обрати да ме праша за мислење за тоа. Значи, ќе биде како што ќе биде, би рекол. Не сакам да губам време, бидејќи има ситуации кога одите да се жалите или да го кажете своето мислење и ништо не се менува, па затоа не сакам да губам време. Тие веќе го знаат моето мислење и како е за мене. Ќе видиме дали ќе се промени нешто или не, но сакам да се фокусирам на други работи – рече Алкарас.

Кога го прашаа дали е правилото повеќе прашање на дискреција на судиите, Алкарас одговара потврдно.

– Да, мислам дека е така. Можеме да видиме дека има различни судии. Значи, проблемот, веројатно, е кај еден или двајца, истите луѓе што предизвикуваа проблеми на многу натпревари. Но, има и судии што се пофлексибилни. Би рекол дека ако го разбираат тенисот, знаат и како да го применуваат правилото. Кај оние што се навистина строги и немаат „лева рака“, така да се каже, тоа е така затоа што воопшто не го разбираат тенисот – заклучи Алкарас.

ИЗДВОЕНИ