Во водата за пиење од градскиот водовод во Валандово е утврдено зголемено ниво на арсен, соопшти денес ЈП „Комунален сервис“ од Валандово.
Според информацијата објавена на социјалните медиуми од страна на јавното претпријатие, присуството на арсен во водата за пиење е утврдено во добиените резултати од извршените анализи од Институтот за јавно здравје – Скопје.
Општинското претпријатие објавува дека водата може да се користи само за технички потреби, додека дополнителни анализи и контроли веќе се спроведуваат во соработка со надлежните институции.
Се апелира до граѓаните да ги почитуваат официјалните препораки и да почекаат на следното соопштение пред водата повторно да биде прогласена за безбедна за консумирање.












