EPA/JUANJO MARTIN

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз и светскиот женски тениски рекет број еден Белорусинката Арина Сабаленка, се добитници на овогодинешната престижното спортско признание Лаурес, што се доделува за најдобриот спортист и спортистка на годината.

Алкараз испиша историја, станувајќи најмладиот добитник на ова признание на само 22 години. Шпанецот зад себе има извонредна сезона, крунисана со титули на Ролан Гарос и САД Опен, со што се вброи меѓу најголемите имиња на модерниот тенис. Со освојувањето на оваа награда тој им се придружи на легендарните Роже Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ, кој истот така го имаат освоено ова признание, а последниот од нив оваа година имаше улога и на водител на настанот.

Во женска конкуренција, Сабаленка ја доби наградата благодарение на континуитетот и доминацијата, откако целата година ја мина на врвот на светската ранг-листа и триумфираше на турнирот во Њујорк.

За тим на годината беше избран Пари Сен Жермен, кој влезе во одбрано друштво благодарение на историскиот успех во Лига на шампиони.

Меѓу останатите лауреати, Ландо Норис беше прогласен за откритие на годината по освојувањето на титулата во Формула 1, додека голферот Рори Мекилрој ја доби наградата за камбек на годината по комплетирањето на кариерниот Гренд слем со триумфот на Мастерс турнирот. Признанието за млад спортист на годината му припадна на Ламин Јамал, додека Тони Крос ја доби наградата за спортска инспирација.

Еден од најемотивните моменти на вечерта беше доделувањето на наградата за животно дело на романската гимнастичарка Надија Команечи, точно 50 години по нејзиниот легендарен совршен настап на Олимписките игри во Монтреал. Меѓу добитниците се најдоа и Габриел Араужо како најдобар параолимписки спортист, Клои Ким во категоријата акциски спортови, како и организацијата Футбол Мас, која ја доби наградата за општествен придонес преку спортот.

 

 

ИЗДВОЕНИ